Додека светот е потресен од војни, економски кризи, пандемии и предизвици што ги носи вештачката интелигенција, Обединетите нации – организација создадена за справување со најголемите проблеми на човештвото – се парализирани од внатрешни поделби и се соочуваат со можноста да влезат во нов период без лидер.
Експертите предупредуваат дека постои реална можност генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, да го заврши својот мандат на крајот од годината, а притоа да не биде именуван негов наследник – што би било првпат во историјата на организацијата.
„Тоа е реална можност, иако сè уште е можен договор во последен момент, а претставниците на ОН веќе подготвуваат планови за вонредни ситуации за такво сценарио“, изјави Тибо Камели, поранешен дипломат во ОН, кој сега е истражувач во Центарот за меѓународна соработка при Универзитетот во Њујорк.
Советот за безбедност на ОН, кој е задолжен за избор на наследникот на Гутереш, од јули спроведе девет рунди неофицијално гласање како дел од сложениот процес на избор. Ребека Гринспан, поранешна потпретседателка на Костарика и поранешна шефица на Конференцијата на ОН за трговија и развој (UNCTAD), освои најмногу гласови во осум од деветте рунди.
Сепак, нејзиното именување воопшто не е загарантирано, посочува агенцијата Франс прес (AFP). Како и другите кандидати, Гринспан наиде на негативни сигнали од постојаните членки на Советот за безбедност, кои имаат право на вето врз нејзиниот избор.
„Поради поделбите меѓу постојаните членки на Советот за безбедност – особено меѓу Кина, Русија и САД – изборот на новиот генерален секретар е неизвесен“, изјави Даниел Форти од Меѓународната кризна група (International Crisis Group).
Политичко вжештување
Големите светски сили тешко постигнуваат компромис за бројните прашања со кои се занимава ОН во обидите да ги реши конфликтите во Судан, Газа и Украина; ситуацијата не е поинаква ниту кога станува збор за изборот на нов лидер на организацијата, додаде тој.
Соединетите Американски Држави, под водство на претседателот Доналд Трамп, спроведуваат политика „Америка на прво место“ („America First“), која ги поткопува самите темели на мултилатералните принципи врз кои почиваат ОН.
„Мораме да спроведеме реформи и да воведеме ред. Мораме да се погрижиме оваа организација да функционира подобро“, изјави претходно американскиот амбасадор во ОН, Мајк Волц, кој зборуваше за ова многу поотворено од неговите колеги – амбасадорите на другите постојани членки на Советот за безбедност.
„Организацијата не смее да биде толку трома и бирократизирана.“
Во одредени кругови во ОН постои стравување дека Гринспан е „премногу длабоко вкоренета во системот за да може да спроведе промени“, вели Естер Бример, поранешна помошник-државен секретар на САД во администрацијата на Обама.
Камели истакна дека, според општото мислење, и Вашингтон и Москва се противат на Гринспан.
Лана Нусеибех, кандидатката од Обединетите Арапски Емирати – која се вклучи во трката во подоцнежна фаза и од многумина се смета за потенцијален фаворит на Вашингтон – се соочува со тешкотии во обезбедувањето поширока поддршка. Можно е во трката да се вклучат и други кандидати.
Недостигот на консензус, во комбинација со „огромните политички и финансиски притисоци со кои се соочува организацијата, ја прави позицијата генерален секретар значително помалку привлечна отколку во претходните години“, рече Форти.
Осврнувајќи се на честите кратења на буџетот и маргинализацијата на ОН предводена од САД, раководителот на една агенција на ОН забележа дека „моралот меѓу вработените е прилично низок веќе некое време“.
„Сите се надеваат дека новиот генерален секретар ќе биде личност која ќе донесе обнова и свеж пристап – што е и очекувано по десет години“, односно по два целосни мандати на Гутереш на чело на организацијата, додаде тој. Моќните постојани членки на Советот за безбедност „почнаа меѓусебно активно да разговараат за процесот на избор, што е знак дека сè повеќе го чувствуваат политичкиот притисок“, додаде Форти. Сепак, постои широка согласност меѓу бројни земји за едно прашање – дека на чело на ОН, за првпат во нивната 81-годишна историја, треба да застане жена.

