Откако Министерството за внатрешни работи покрена кривична постапка по итна постапка за убиството кај Смилковско езеро, попладнево Основното јавно обвинителство Скопје излезе со детали за убиството и соопшти дека се бара притвор за осомничениот.
Осомничениот 38-годишник, на 21 ноември утрото, на скопската обиколница, кај клучката во близина на Смилковско Езеро, со умисла го лишил од живот оштетениот Един Шкријељ. По расправија која што се одвивала преку телефонска апликација, осомничениот со возилото дошол на наведената локација. Се паркирал наспроти возилото кое го управувал Шкријељ, излегле и продолжиле да се расправаат. Во еден момент, осомниениот извадил пиштол и пукал кон оштетениот. Куршумот го погодил во левата нога, во феморалната артерија и поради голема загуба на крв, оштетениот починал на местото на настанот, соопшти Обвинителството.
Осомничениот избегал со автомобилот кон селото Сингелиќ, а по пат се ослободил од оружјето.
Претходно, МВР информираше дека осомничениот го признал делото во полициска станица.

