Состанок на Координативниот штаб за проблемот со кравите во Крива Паланка денеска е одржан во Министерството за змејоделство, шумарство и водостппанство. На него биле прецизирани конкретните активности и задолженија на вклучените институции.
Во соопштението од Министерството за земјоделство се наведува дека ќе бидат мапирани локациите каде е концентриран добитокот којшто ќе биде однесен во Казнено-поправниот дом Идризово и Казнено-поправниот дом Прилеп, а била разгледана и можноста, дел од добитокот да биде отстапен на здруженија на сточари и на млади сточари.
Со воспоставувањето на овој механизам на институционална координација создаваме оперативни предуслови за системско и трајно надминување на проблемот со кој се соочуваат жителите на Крива Паланка. Приоритет е заштитата на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство, преку ефикасно спроведување на законските решенија, со истовремено почитување на стандардите за здравствена заштита и благосостојба на животните. Од суштинско значење е секоја институција одговорно и ефективно да го реализира својот дел од преземените обврски, истакнал министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски.
Во реализацијата на Акцискиот план се вклучени Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за управување со одземен имот, Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и Бирото за процена, чија работа ќе се одвива преку воспоставениот механизам на координација и континуирано следење на реализацијата на преземените задолженија.

