Вршителот на должноста претседател на Србија, Александар Чупиќ, од самитот на лидерите во рамките на процесот Брдо-Бриони, што се одржува во Охрид, изјави дека очекува новата српска Влада да биде формирана во разумен рок, по што ќе бидат објавени нејзините планови и програма.
Тој посочи дека во моментов не е овластен да ги открива деталите за надворешната политика на Србија, но нагласи дека таа ќе остане урамнотежена, предвидлива и доследна.
Чупиќ истакна дека земјите од регионот имаат потреба од поголема соработка, солидарност и напредок, но и обврска да ги штитат своите државни и национални интереси. Тој порача дека младите мора да бидат вклучени во политичките процеси, бидејќи без нивно учество не може да се очекува да останат и да ја градат својата иднина на Балканот.
„Имаме длабоко разбирање за добронамерните идеи изнесени во предложениот текст на Декларацијата во рамките на процесот ’Брдо-Бриони‘. Солидарноста и демократијата биле, се и ќе останат на самиот врв на листата на потреби во нашиот регион. Постои очигледна потреба да соработуваме, да напредуваме и да градиме подобар свет за нашите потомци. Исто така, постои јасна обврска кон нашите граѓани да ги штитиме виталните државни и национални интереси и да го чуваме нашето достоинство во меѓународните односи“, рече Чупиќ.
Тој потсети дека овој регион изнедри личности како Гоце Делчев, Петар Петровиќ Његош, Франце Прешерн, Иво Андриќ, Меша Селимовиќ, Мирослав Крлежа и Исмаил Кадаре; исто така истакна дека од балканското тло потекнуваат Никола Тесла, Михајло Пупин и Руѓер Бошковиќ, како и спортисти и уметници од светски ранг.
Тој нагласи дека имаме многу што да си понудиме едни на други, како и на Европа и на светот, и изрази уверување дека ќе го зачуваме она што е позитивно во нашите односи, истовремено подобрувајќи ги оние аспекти што реално можат да се подобрат.
„Иако веќе не сум толку млад, од Србија ја носам со себе ведрината и енергијата на младоста. Имаме сон и планови за подобра држава и општество. Верувам дека во тој поглед, не се разликуваме од никого. Денес со задоволство слушнав дека овде е неопходно да се вклучат младите; без нивно учество во политичките процеси, не можеме да очекуваме тие да останат и да опстанат во овој регион – а тоа, верувам, е крајната цел за секој од нас“, рече Чупиќ.
Воедно, тој изрази благодарност за разбирањето за неговата специфична позиција меѓу учесниците на самитот во Охрид, со оглед на тоа што, во својство на претседател на Народното собрание, тој моментално ја извршува функцијата вршител на должноста претседател на Републиката.
„Како што знаете, вчера распишав избори за таа функција и уверен сум дека на 27 декември граѓаните на Република Србија, на демократски начин, ќе изберат личност која достоинствено ќе ја претставува државата и ќе го олицетворува нејзиното единство. Граѓаните на Србија покажаа дека ја разбираат важноста на институциите – нивниот развој и зачувување – како и дека постои суштинска потреба од владеење на правото“, заклучи тој.
Денес во Охрид се одржува средба на лидерите од Западен Балкан, во рамките на процесот „Брдо-Бриони“. На маргините на средбата, Чупиќ се сретна со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, како и со претседавачот и српски член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ.

