Шпанската авиокомпанија „Плус ултра“ (Plus Ultra) планира да ги отпушти сите 659 вработени, откако не успеа да пронајде купувач или инвеститор кој би помогнал во нејзиното финансиско закрепнување, соопшти денеска синдикатот на кабинскиот екипаж SITCPLA.
Оваа одлука претставува нов развој на настаните во кризата низ која минува компанијата; авиокомпанијата претходно ги суспендираше сите летови и започна процес на финансиско и оперативно реструктуирање со цел намалување на трошоците, пренесува Ројтерс.
Според синдикатот, компанијата првично предложила намалување на бројот на вработени за околу 40 отсто, но по суспензијата на сите летови, планот бил проширен и сега го опфаќа целиот персонал.
Во меѓувреме, компанијата ја укина и последната преостаната редовна линија, помеѓу Мадрид и Каракас.
Претставниците на вработените побараа дополнителна финансиска документација, наведувајќи дека податоците доставени од компанијата се недоволни за да се процени нејзината реална финансиска состојба или да се пресметаат отпремнините.
Според шпанските медиуми, преговорите меѓу раководството и синдикатот ќе продолжат следната недела, при што претставниците на вработените бараат подетални информации за работењето на компанијата и финансиските причини за прекинот на нејзините активности. Во 2021 година, „Плус ултра“ доби 53 милиони евра државна финансиска помош преку шпанскиот државен холдинг SEPI, наменета за поддршка на стратешки претпријатија за време на пандемијата на КОВИД-19.
Сепак, оваа година авиокомпанијата не успеа да ги исполни дел од своите обврски по кредитите и преговараше со доверителите за опциите за отплата.
Државната помош доделена на компанијата е предмет на истрага од страна на шпанскиот Висок суд, како дел од постапка во која се споменува поранешниот премиер Хосе Луис Родригез Запатеро, во врска со обвинувања за тргување со влијание – обвинувања кои тој ги негираше.
Шпанската авиокомпанија „Плус ултра“ планира да ги отпушти сите 659 вработени

