Во октомври 2026 година, група студенти коишто го избрале наставниот предмет заштита и реставрација, под менторство на м-р Марија Сотировска-Богдановска, доцент, и м-р Маријета Сидовски, доцент и виш конзерватор-реставратор, го завршија конзерваторско-реставраторскиот третман на монументалната слика „Тешкото“ од Никола Мартиноски (1952–1953).
Ваквата акција за реставрација и презервирање на големите ликовни дела на нашите, а светски уметници, е за вистински поздрав. Што опфаќа целиот процес на реставрација, колкава екипа работеше на проектот за заштита на монументалната слика масло на платно „Тешкото“ од Никола Мартиноски.

Благодарам, акцијата навистина е важна: за делото, за студентите и за УКИМ. Но кога зборуваме за неа, да се запрашаме и колку дела уште стојат по ѕидови и канцеларии без никаква грижа. Кај нас превентивната заштита често недостасува, па делото го „чуваме“ додека не се оштети, а тогаш бара сложена интервенција, стручни лица и значителни финансиски средства. Затоа вистинската вредност е во навремената грижа. Таа грижа е мостот по кој идните генерации ќе можат да го доживеат делото како културно наследство. Сликата „Тешкото“ е масло на платно (350,8 × 99,6 cm) од Никола Мартиноски, во сопственост на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Филозофскиот факултет при УКИМ. Пред транспортот до Лабораторијата CARE Lab, беше извршена локална превентивна заштита на нестабилниот боен слој. По безбедното пренесување, делото беше извадено од украсната и слепата рамка (при што беше утврдено дека платното е составено од четири дела) и беше извршено суво чистење. По чистењето на површината, беше изведена консолидација на нестабилниот боен слој од задната страна на платното, а рабовите беа механички зајакнати. Загубите во боениот слој беа пополнети, по што следеше миметички ретуш и заштитен лак. Слепата рамка беше заменета со нова дрвена конструкција за подобра механичка поддршка, украсната рамка беше исчистена и ретуширана, а на крајот беше поставена позадинска заштита. Зафатот се изведуваше во рамките на практичната настава по предметот Заштита и реставрација, под менторство на насловен доц. м-р Маријета Сидовски и доц. м-р Марија Сотировска Богдановска. Во превентивната заштита учествуваа десет студенти, а во конзерваторско-реставраторскиот процес работеа четворица. Тој беше дел од проектот „Конзервација на сликата „Тешкото“ – зачувување на културното наследство“, финансиран од УКИМ за 2026 година. Во истата лабораторија претходно беа конзервирани и други дела на Мартиноски, како и „Оаза на моите сни“ од Вангел Наумовски и други.
Сликата датира од 1952/53, имаме ли ние како држава некаква архива на податоци колку вакви дела постојат низ институциите во Македонија или во приватните колекции?
Сликата не е потпишана ниту датирана од самиот Мартиноски. Годините 1952–1953 ги знаеме врз основа на монографијата на Борис Петковски (Скопје, 1997), каде што на страница 137 експлицитно се наведува дека големото масло „Тешкото“ е работено неколку години (1952–1953). Во истиот текст се посочува и дека карактеристичните детали (облеката, инструментите) покажуваат дека Мартиноски работел над ова дело според одредени модели. Покрај пишаниот запис, постои и визуелен запис: во документарецот за Мартиноски, снимен за Македонската телевизија, во режија на Стево Цветковски и сценарио на Борис Петковски (Вардар филм), се гледа како Мартиноски чита книга пред сликата. Кадарот е превземен од АрхиваЗаУм. Токму затоа е важно податоците за делата да се документираат уште при создавањето, а не да се реконструираат подоцна од литературата.

Никола Мартиноски пред сликата. Кадар од документарец на МТВ (режија: Стево Цветковски, сценарио: Борис Петковски, Вардар филм). Извор: АрхиваЗаУм.
Што се однесува до архивата, постои Национален регистар на културното наследство, во кој надлежната државна институција го води заштитеното наследство. Но нема единствена заедничка база што ги опфаќа сите дела што се чуваат по институции и приватни колекции, со податоци за сопственикот, местото и состојбата. Податоците најчесто се наоѓаат кај поединечните установи, во нивните инвентари; музеите и галериите водат инвентарни книги со основни податоци за делата, а другите институции, меѓу кои и универзитетските единици, често имаат пописни книги во кои само го попишуваат делото, без да ја следат и неговата состојба. Токму таа празнина ја покажува потребата УКИМ да создаде регистар на сите дела што се чуваат во неговите единици. За секое дело тој би ги содржел авторот, годината на создавање, димензиите, сопственикот, местото на чување и општата состојба. Пристапот може да биде ограничен, за заштита на делата, но регистарот мора да биде заеднички, за да се знае што има, каде е и во каква состојба, а грижата да се планира наместо да се реагира по штетата.

Постојат ли некакви обиди со новата дигитална архива на ФЛУ да се преброи македонското ликовно благо, да се направи системски преглед на состојбата во која се наоѓаат делата и дали во иднина можеме да очекуваме посоодветна грижа за старите постоечки наши уметнички достигнувања во однос на зачувување на податоците поврзани со нив, но и внесување во базата на новопродуцираните?
Ова е навистина амбициозно и значајно прашање. Важно е да се нагласи дека Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) е пред сè образовна институција, чија основна задача е создавање и едукација на идни визуелни уметници. Затоа, она што во моментов се разгледува во врска со дигиталната архива е повеќе во фаза на иницијатива и разговори, отколку што претставува завршен системски процес. Свесни сме за значењето на ова прашање и се обидуваме да придонесеме во рамките на нашите можности. За да имаме вистинска, системска грижа за наследството, сметам дека е неопходно да се создаде посебна студиска програма за конзервација и реставрација. Факултетот сам по себе нема финансиски капацитет да издржи ваков сложен и скап процес. Тука се потребни сериозни и конкретни чекори од страна на државата, бидејќи токму ваквата програма би создала стручни кадри кои професионално ќе се грижат за културното наследство. Иако во моментов имаме само еден изборен предмет, вложуваме огромни напори да преземеме конкретни акции и да ја разбудиме етичката и општествената свест, не само кај студентите, туку и кај секој поединец, за важноста на грижата за културното наследство. Најголем предизвик се токму човечките и просторните ресурси на факултетот, засега нема заеднички систем за сите катедри, тие индивидуално се грижат за делата, а просторните ограничувања влијаат и на условите за депо. Затоа сметаме дека виртуелниот простор, кој не познава физички граници, е едно од добрите идни решенија. Она што можеме конкретно да го понудиме во моментот е методот на документирање и следење на состојбата на делата. Сите платна и уметнички дела донесени во CARE Lab најпрво се документираат: им се отвора евиденциски картон и број, во кој се заведува затечената состојба, и се прави карта на оштетувања и детални фотографии. Така секое дело добива запис за својата состојба, што е основа за идна грижа. Што се однесува до старите (постојните) дела, за нив првиот неопходен чекор е пописот и документирањето на нивната затечена состојба. Едноставно, не можеме да планираме грижа и превентивна заштита за дела што не ги знаеме – каде се наоѓаат и во каква состојба се. Затоа, пред да зборуваме за понатамошна заштита, следниот голем чекор е да се утврди што точно имаме.

Каква е општо состојбата со складирањето на вакви големи сликарски платна, имаме ли соодветни услови за нивно чување, каде се потребни промени?
Универзитетот, покрај својата основна образовна дејност, е и чувар на уметнички дела што се дел од македонското културно наследство. Тие се наоѓаат по факултетите, институтите и канцелариите, често без заеднички попис и без јасна слика за нивната состојба. Оштетувањата настануваат тивко: од староста (потемнување на лаковите, кршливост и лупење на боениот слој, слабеење на носачот-платното), од влага, светлина и температура и од ракување или реновирање. Оштетувањата ги забележуваме дури кога се големи. Сите уметнички дела, вклучително и платната, бараат стабилна микроклима, без директна сончева светлина и без близина на топлотни извори-радиатори, клима-уреди, прозорци и надворешни ѕидови. Затоа мора да почнеме од превентивната заштита, односно од контрола на условите и редовен преглед. Тоа е најважниот дел од грижата, а воедно и најмалиот трошок во споредба со секоја интервенција..

Кога станува збор за реставрација, што се може да биде обновено и сочувано ако зборуваме за ликовната уметност воопшто (вајарски дела, мурали…)?
Практично сите уметнички дела што имаат потреба од грижа можат да бидат третирани: слики на платно и дрво, икони, мурали и фрески, скулптури од камен, дрво, бронза и гипс, графики и дела на хартија, но и витражи и други дела од стакло. Обемот и видот на зафатот зависат од материјалот од кој е изработено делото, од степенот на неговата деградација и од причините за таквата состојба. Целта не е делото да изгледа „како ново“, туку да се стабилизира и да се зачува оригиналниот материјал, со минимални интервенции што можат да се отстранат. Она што е изгубено не се враќа, туку се интегрира визуелно, за делото повторно да се чита како целина.
Неодамна осамна веста дека слика на Ван Гог е продадена во милионски суми, некаде близу 200 милиони долари, на аукција во Сотби, Њу Јорк. Која е највисоката достигната вредност на уметничките слики од нашите автори, во уметничка, но историска смисла, имаме ли некаков податок за тоа колку достигнуваат сликите од нашите автори на продажба преку аукциските куќи?
Да, неодамна одекна веста дека „Шахисти“ од Никола Мартиноски, масло на платно насликано во Париз во 1928 година, беше продадено на аукција во Тулуз по цена значително повисока од проценетата. Според медиумите, тоа е една од највисоките цени за македонско уметничко дело на странска аукција. Тоа се случи токму додека траеше процесот на конзервација, па со студентитеразговаравме за тоа. Заедничкиот заклучок беше дека не е важно колку пари е платено/продадено. Важна е вредноста на самото дело: уметничка, историска, културна. Пазарната цена е променлива категорија, а делата како „Тешкото“ имаат вредност што не се мери со аукциска цена.

Имаме ли став по прашање на сочувување на македонска уметност, со оглед на тоа дека таа е неодвоив дел од нашиот идентитет?
Ставот е јасен и категоричен: македонската уметност е неодвоив дел од нашиот идентитет. Затоа, нејзиното зачувување е заедничка обврска на институциите, на конзерваторско-реставраторските стручњаци и на целото општество. Кај нас, УКИМ го чува она што го има, а таа грижа се учи и се пренесува на студентите. Во наставата не учиме само како се создава уметничко дело, туку и како тоа се чува. Најважно е грижата да биде навремена. Таа не смее да се одлага, бидејќи деградацијата е тивка и агресивна, таа не чека да биде забележана. Прашањето не е дали ќе го чуваме наследството, туку колку долго ќе чекаме: додека штетата не стане видлива за сите, или додека не го изгубиме делото. Кога штетата ќе стане очигледна за пошироката јавност, можноста за навремена и најефикасна реакција обично е веќе изгубена. Затоа, од објективна перспектива, секое одложување на превентивната заштита претставува директен ризик за трајно губење на дел од нашето културно наследство.
Работите ли на некој нов проект, на конзервација на некое друго монументално дело?
Во моментов, заедно со колешката Маријета Сидовски, размислуваме за следните чекори, но конечна одлука сè уште не е донесена. Идејата е да се направи мапирање на движното културно наследство на УКИМ: попис на делата по единици, со сопственик, место на чување, фотографии и запис за состојбата. Таков регистар не е само список, туку покажува каде се најголемите ризици и кои дела чекаат интервенција, па грижата може да се планира наместо да се реагира по штетата.

Во овој потфат, конзерваторската лабораторија – CARE Lab и студентите се клучен партнер. Секое дело што ќе влезе во лабораторијата добива соодветен третман согласно оштетувањето, но истовремено се документира детално (картон, состојба, фотографии). Токму тој спој на практичен третман и документација претставува готов и верифициран запис за идниот регистар, со што наставата и системското чување на наследството се спојуваат во еден ист процес.

