Пратеничката група на Левица утре повторно ќе поднесе предлог-закон за зголемување на субвенционираниот студентски оброк, откако, според партијата, повеќегодишното неусогласување со инфлацијата ги оштетило студентите за околу 400 милиони денари.
Од Левица реагираат на изјавите на министерката Весна Јаневска, оценувајќи дека наместо да даде одговор за непочитувањето на законската обврска, таа ја преиспитувала оправданоста на студентскиот протест.
Партијата посочува дека усогласувањето на студентскиот оброк со инфлацијата е законска обврска, а не прашање на дискреционо одлучување на министерката. Според нив, најавените нови модели, чија примена се очекува од октомври 2027 година, не можат да го надоместат досегашното неисполнување на обврската.
„Ова скромно право на студентите не треба да биде предмет на пазарење за средства што и онака им следуваат согласно закон“, наведуваат од Левица.
Од партијата информираат дека во изминатиот период ги искористиле расположливите институционални механизми – поднесувале законски измени и амандмани, иницирале судска постапка и доставиле претставка до Народниот правобранител.
Тврдат дека парламентарното мнозинство претходно ги одбило нивните предлози за зголемување на студентскиот оброк, додека министерката сега ги упатува студентите да чекаат судска разрешница за остварување на право што, според партијата, е загарантирано со закон.
Од Левица порачуваат дека одговорноста за објаснување на причините за непостапувањето е кај министерката, а не кај студентите кои протестираат.

