Во Културно-информативниот центар – Скопје, викендов беше отворена изложбата на порцелански кукли „Одрази“, на која заеднички работеа Александар Рашковиќ и Филип Фидановски.
Овој проект, создаден низ уметничкиот дијалог помеѓу два различни, но комплементарни авторски изрази – Александар Рашковиќ (костим) и Филип Фидановски (порцелан), уште еднаш потврди дека уметноста е простор во кој различностите се надополнуваат, инспирираат и создаваат нови вредности.

Од срце им благодарам на сите гости, пријатели, колеги и љубители на уметноста кои со своето присуство го збогатија отворањето и ни дадоа поддршка. Посебна и искрена благодарност до Нејзината Екселенција, Џијанг Сјаојан (H.E. Jiang Xiaoyan), амбасадорка на Народна Република Кина, која со своето присуство ни направи огромна чест и задоволство. Нејзиното присуство за мене има и посебно лично значење, особено по прекрасното искуство и уметничкото пријателство што ги понесов од мојот престој во Кина. Голема благодарност до Министерството за култура и туризам, до нашите спонзори и поддржувачи, како и до колегите керамичари од Србија, чие учество и придонес му дадоа посебна димензија на овој уметнички проект. Благодарност и до сите соработници и пријатели кои несебично помогнаа во подготовката и реализацијата на изложбата. Ваквите проекти се создаваат со многу посветеност, доверба, заедничка енергија и љубов кон уметноста. „Одрази“ не се само средба на две уметнички визии, туку и одраз на едно заедничко творечко патување, рече Рашковиќ


Филип Фидановски ја искористи можноста да објасни како течел процесот на создавање од идеја до реализација на оваа изложба „Особено ми е драго што со Александар Рашковиќ ја преточивме во изложба идејата што ја развивавме веќе 30 години благодарение на моите истражувања во рамките на проектот за фабриката за порцелан Порцеланка од Велес и тоа дека таму ги пронајдов растурени и оштетени моделите за куклите. Голема благодарност до Срѓан и Тања Ристиќ од Зајечар, Србија, кои ги обновија оштетените модели и ги изработија калапите за порцеланските делови на куклите.
Фидановски го искористи отворањето на изложбата за промоција на неговиот модел на сервис за чај, надополнувајќи ја атмосферата во КИЦ, каде што неделава беше отворена и изложбата на „Тивки ритуали на модерноста – Чај и кафе за новиот град“ (отворена на 26 ноември 2026 година) во фоајето на Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје. Авторки се Јасминка Намичева, Екатерина Намичева Тодоровска и Јасмина Дамјановска (во соработка со „Архифакт“ и КИЦ), а фокусот е на индустрискиот дизајн и порцеланските сетови за чај и кафе од фабриката „Борис Кидрич“ во Велес

.„Орбис“ го претстави проф. д-р Емилија Фиданчевски од Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ, исклучителен стручњак во областа на технологијата на керамиката.
-Денес имам посебна можност да бидам промотор на првиот порцелански прототип на сет за чај, изработен од уметникот Филип Фидановски. Наш македонски производ! Поканата од Филип за промоција на неговиот прв производ од областа на фината порцеланска употребна керамика, за мене претставува чест и задоволство. Филип го познавам многу одамна, од неговите почетоци кога беше слатка матна шира, а денес по толку години, Филип ферментира во пијалак достоен за боговите. Тој прерасна во уметник со големо У.
Велат, името е порака! „Орбис” е насловот на оваа порцеланска колекција. Орбис значи круг на латински, свет или целина кој ги обединува сегашноста и минатото. Минатото – носталгијата по добро познатиот велешки порцелан, којшто претставува наше индустриско наследство, и сегашноста рефлектирана во поттикот кон возобновување на домашните порцелански производи на нашите трпези, но со предзнак на современиот дух во кој денес живееме. Инспирацијата за дизајн произлегува од споменикот „Македониум” во Крушево што дава посебна вредност на производот и потврда за македонскиот идентитет преточен во неговата ергономија, естетика и функционалност. Оттука произлегува дека порцеланскиот сет за чај, не е само производ, туку и материјална врска која ги обединува македонската архитектура, уметност и порцеланот.

Овој прототип кој го гледаме денес, има современ дизајн и бела сјајна глазура, полеани со елеганција, но истиот се карактеризира со висока густина, ниска порозност, висока механичка јакост и хемиска отпорност. А за да се дојде до ваков производ потребна е интеграција на наука, развој и иновациски пристап, и сето тоа проследено со интуиција, каракеристично за еден уметник кој интегрира технолошки процес и креативност. А интуицијата почнува таму каде што се прекинати логичните патишта за решавање на проблемот и каде што исклучителното знаење е немоќно.
Психолошките корени на интуицијата лежат во емоционалната сила и бојата на апстрактното мислење. Емоционалната сила на Филип е неповторлива, бидејќи во неа се содржани особеностите на неговиот карактер, неговите експериментални резултати, неговото знаење и духовен капацитет. И од тука, доаѓаме до заклучокот дека без интуиција нема откритие, а без логика нема веродостојност, рече проф. д-р Емилија Фиданчевски.
На промоција на порцеланскиот сервис за чај „Орбис“ во Културно-информативниот центар – Скопје, тој изрази благодарност и до сите што го поддржаа проектот: Културно-информативниот центар – Скопје, Град Скопје, „Керамика Инфо“ од Хрватска и други.
Изложбата ќе трае до 17 Декември 2026, во Културно информативниот центар КИЦ-Скопје.


