Стојанче Јовановски и барал на Ивана 30.000 евра за да го напушти станот во кој живееле, сведочеше братот на Ивана, Александар Стојановски. Според неговото денешно сведочење во Кривичниот суд, Ивана постојано била изложена на закани и уцени од нејзиниот сопруг и се враќала кај него поради страв за сопствениот живот и животот на ќерката Катја.
Промена во нејзиното однесување, братот Александар забележал на крајот на 2024 и почетокот на 2025 година.
– Во тој период ми кажа дека има мали проблеми што ги решава и дека сѐ ќе биде како што треба. Од почетокот на 2025 до август престана да ми испраќа фотографии од Катја. На целото семејство ни стана сомнително дека нешто се случува. По настанот на автопатот во Штип, Ивана и Катја дојдоа да живеат во станот на мајка ми и тогаш Ивана почна да ни раскажува, сведочеше Александар пред судот.
Рече дека вратата од домот на нејзините родители секогаш била отворена за неа и дека ангажирале и адвокат да ја води бракоразводната постапка.
Братот на Ивана се посомневал дека друг ги пишува пораките од нејзиниот телефон во моментот кога во тек била оставинската постапка по смртта на нејзиниот татко.
– Се случуваше нешто чудно, оти тоа не беше начинот на комуникација на Ивана. Ѝ реков дека треба да завршиме, да не се оддолжува процесот, а во порака добив одговор дека таа преку суд ќе среди сите еднакво да ги добиеме деловите, дека не може вака и дека ќе се слушнеме преку адвокати. Дека Ивана треба да ја земе колата од татко ми. Така сфатив дека тоа го пишува некој друг, затоа што сестра ми веќе знаеше дека ќе го поделиме имотот на четири дела, а колата ќе ја земе мајка ни, сведочеше Александар.
Поради закани дека ќе биде запален имотот на нивната мајка, Семејството одлучило да ја прекине оставинската постапка, поради закани дека ќе биде запален имотот на нивната мајка.




