Македонскиот народен театар со претставата „Торонто експрес“ се приклучува на хуманитарната иницијатива што се организира по повод 25 години СОС Детско село.
По повод годишнината, СОС Детско село во соработка со театрите низ државава реализира хуманитарната иницијатива „Театрите за СОС Детско село“, под мотото „Сцената што менува животи“, преку која, со секој купен билет им се дава директна поддршка за децата и младите.
МНТ ќе ја изведе претставата „Торонто експрес“ на 19 мај, а во главната улога ќе биде првенецот на МНТ Александар Микиќ.
Претставата е работена според мотивите од збирката есеи „Тибам Штркот“ од Зоран Спасов-Ѕоф, во режија на Јордан Симонов.
– „Торонто експрес“ не е само театарска вечер, туку и чин на солидарност и заедништво. Со своето присуство, публиката не ја поддржува само уметноста, туку станува дел од иницијатива која создава грижа, сигурност и подобра иднина за децата и младите на кои им е најпотребна поддршка, велат од МНТ.
Билетите се достапни онлајн преку веб-страницата на МНТ, www.mnt.mk, како и на билетарницата на театарот.




