На одбележувањето на Денот на Европа 2026, претседателот на Собранието, Африм Гаши, испрати порака дека иднината на земјата и нејзиниот европски пат не зависат само од Брисел, туку пред сѐ од личната и општествената заложба на секој граѓанин.
– Европскиот пат што ние сме го избрале не зависи само од Брисел. Најбитниот елемент зависи од нас самите. Ние треба да одлучиме да одиме по овој пат, но не само формално, не само да ја следиме процедурата. Дали можеме денеска да се запрашаме сите ние колку придонесуваме за унапредување на нашата држава кон ЕУ како вредност? Јас би сакал денеска сите ние што имаме влијание во општеството да размислиме за Европа како сплет на систем на вредности и да ја разделиме од Европската Унија како интеграција. Ако секој би почнал од себе, од своето работно место, своето семејство, од местото каде што дејствува и ги негуваме овие вредности, јас сум убеден дека ќе го постигнеме она што го посакуваме – порача тој.
Потсети дека државата направила големи компромиси, но главните европски рамки не го валоризирале тоа.
Воедно, нагласи дека патот кон Европската Унија е најдобриот избор, но дека суштината на демократијата е секогаш да постојат алтернативи и да се негуваат вредности.
– Неколкупати во нашиот јавен простор ја слушаме фразата дека немаме друга алтернатива, освен Европа, но мораме да се вратиме на суштината на демократијата, нема демократија без алтернатива. Да можеме да кажеме дека немаме подобра алтернатива од Европа, што и да споредиме овој пат за нашата држава, е неприкосновено најдобриот пат по кој треба да одиме – рече Гаши.
Со посебен акцент на младите, Гаши предупреди дека ако не тргнеме од себе, голем дел од младите ќе продолжат да се иселуваат.
Милева Ѓуровска, претседателка на Европското движење во Македонија, ја нагласи историската важност на европската интеграција.Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“, предупреди за заедничките предизвици.
– Гледаме дека мора да работиме понапорно и заедно и да се држиме до начинот на кој сакаме да напредуваме. Предизвик е кога имаме толку земји со различен интерес, но сите имаме иста цел – да се заштитиме од заканите и да го подобриме живеењето на граѓаните во Европа. Убеден сум дека оваа земја ќе ја постигне целта ако работиме заедно на тоа – рече тој.
Петер Хафеле, директор за политики во Центарот за европски студии, Вилфрид Мартенс, додаде дека „процесот на проширувањето не смее да се гледа како технички процес“. – Тоа е прашање на безбедност, отпорност и кредибилитет – рече тој.




