Облачното време со дожд, грмежи и засилен ветер ќе продолжи и денес. Се најавува ветер со над 60 километри на час и краткотрајно невреме со град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.

Во Скопје, во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд и појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 32 степена.
И утре ќе се задржи променливото облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 15 l/m²), електрични празнења, силен ветер (над 60 km/h) и појава на град.
Потоа следува период на стабилно и сончево време. Во сабота ќе дува умерен до засилен северен ветер.




