Откако втора недела по ред скокна цената на горивата, Владата најавува дека во понеделник ќе се знае дали ќе интервенира во делот на акцизите и ДДВ-то.

– Сега завршува втората половина на месецот, така што во понеделник ќе направиме просек за втората половина од месецот и врз основа на тие параметри ќе се делува на ценнте на нафтените деривати, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Според него, добро е што цената на нафтата се стабилизира на светските берзи.
– Денеска се стабилизира некаде 85-86 долари за барел, така што следната недела очекувам поголемо намалување на цената на дизелот и на бензините, рече Мицкоски.
Како и вообичаено и денес Мицкоски не заборави да каже дека имаме најниска цена на горивата во регионот, без притоа да направи пресметка колку литри бензин може да се купи со минимална плата во земјава, а колку во државите од регионот.
Регулаторната комисија за енергетика вчера донесе одлука за ново поскапување на горивата според кое дизелот скокна за нови 4,5 денари за литар, а бензините за три денари. Од денес дизелот се точи по цена од 98,5 денари за литар, Еуросупр БС-95 се продава по цена од 93 денари за литар, а Еуросупер БС-98 по цена од 95 денари за литар.




