дома Свет Балкан АЛАРМАНТНО: Водостојот на реките во Хрватска на најниско ниво во последните 200...

АЛАРМАНТНО: Водостојот на реките во Хрватска на најниско ниво во последните 200 години

Нивото на водата во реките во Хрватска достигна историски ниско ниво во пресрет на пикот на топлотниот бран што се очекува во наредните денови, а подобрување на сосстојбата не може да се очекува наскоро, пренесуваат хрватските медиуми.

Според генералниот директор на претпријатието „Хрватски води“, Зоран Ѓуроковиќ, волку ниско ниво на водата во реките Дунав и Драва на територијта на Хрватска не е забележано во последните 200 години.

„Нивото на водата достигнува нови историски минимуми. Вчера регистриравме еден, а денеска уште еден за Дунав, кој е на -144 сантиметри. Загрижувачки е што нема знаци на опоравување ниту за Дунав, ниту за другите реки. Драва во Осиек е на -189 сантиметри, а рекордот е -192 сантиметри. Водомерот во Осијек постои од 1827 година и сега е јасно дека не сме имале толку ниско ниво на водата на Драва, Дунав и за жал сите други реки во Хрватска во последните 200 години“, рече Ѓуроковиќ.

Тој потсети дека реките обезбедуваат снабдување со вода, ги полнат подземните води, помагаат во економијата и земјоделството и се клучни за природата.

„Животот без вода не е можен. Министерството за водни ресурси и животна средина издаде ново предупредување поради рекордните топлотни бранови. Во моментов, температурите во многу рибници се над 30 степени, што е проблем бидејќи рибите не можат да се кријат таму на поголеми длабочини како во реките“, објасни тој.

Ѓуроковиќ се осврна и на проблемите со снабдувањето со вода на островите и во некои копнени делови од Хрватска.

„Реката Орљава во реонот на Пожега би можела да пресуши во следните неколку дена. Доколку имавме резервоар над градот, ќе можевме да испуштаме вода при ниски нивоа и да додадеме биолошки минимум“, рече Ѓуроковиќ.

Тој, исто така, коментираше за проблемите што ги предизвикува рекордно ниското ниво на водата на Дунав во Европа и Хрватска. Тој нагласи дека реката е европски воден пат. Поради ниските нивоа на водата на Дунав и Драва, во моментов е невозможно да се плови до пристаништето Осијек.

„Треба да изградиме повеќе резервоари и да ги намалиме загубите во системите. Губиме 50 проценти од водата во системот за водоснабдување. Водата е најважниот ресурс во целиот свет, имаме доволно од неа, но треба добро да се управува со неа“, заклучи Ѓуроковиќ.

ПредходнаНовите правила на ЕУ за содржини со вештачка интелигенција носат обврски и за медиумите
СледнаВознемирувачка снимка од Керсон: Дрон прогонува и напаѓа продавач на зеленчук