Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) денеска соопшти дека раководството на ФИФА ја изгубило нејзината доверба откако претседателот на светската фудбалска организација, Џани Инфантино, беше принуден да се откаже од планот за предавање на приходите од Светското првенство на компанија со приватни инвеститори.
„Сегашното раководство на ФИФА ја загуби довербата не само во УЕФА, туку и на многу други членови на фудбалското семејство“, се вели во соопштението на УЕФА.
Европското фудбалско тело оцени дека спроведувањето на „тајни планови“ без консултации и транспарентност повеќе не може да се дозволи, со порака дека одговорните за ваквите потези мора да ги сносат последиците.
„УЕФА ќе анализира во наредните денови и недели, заедно со своите членови и во соработка со други конфедерации, како се случило ова и ќе подготви план за да се осигури дека вакви ситуации нема да се повторат“, објави УЕФА.
ФИФА претходно денеска се откажа од планот на Инфантино да основа компанија вредна 20 милијарди долари за управување со комерцијалните права на Светското првенство со учество на приватни инвеститори. Инфантино го повлече предлогот по силното противење од УЕФА, Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ) и Конфедерацијата на северноамерикански и централноамерикански и карипски фудбалски асоцијации (КОНКАКАФ), како и оставката на неговиот виш советник Карлос Кордеиро.
На плановите на Инфантино пред неколку дена реагираше и Европската комисија, која изрази стравувања дека со нив можеби се прекршуваат правилата за конкурентност на ЕУ.




