
Бразилските власти започнаа нов проект за заштита на Атлантскиот Океан, во чии рамки донирана коса се користи за изработка на бариери за спречување на загадување предизвикано од излевање нафта, јави „Еуроњуз“.
Оваа технологија, која се користи и во други земји, како Чиле и САД, ја инспирираше Маријана Робран, основач на невладината организација Фиотрар, да иницира ваков еколошки проект и во Бразил.
Првите тестови беа спроведени во Енсеада де Бом Хесус, на брегот на заливот Гуанабара во државата Рио де Жанеиро, каде што веќе постоеше бариера за собирање отпад.
Во заливот Гуанабара, наместо мали чамци чии екипажи фрлаат мрежи за да ловат риби, сега е вообичаено да се види еден вид цилиндар исполнет со влакна спуштен во водата, создавајќи бариера за „заробување“ на нафта, биодизел и други загадувачи.
Бариерите можат да останат во морето до четири месеци, чистејќи ја окенската вода од загадувањето од чамци, илегални емисии и други извори на загадување.
„Овие филтри се прикачени на портокалова бариера што го „заробува“ отпадот, која ја користиме како потпора за бариерата на Фиотрар“, објасни инженерката за животна средина Ана Беатрис Гонсалвес, која е задолжена за неделното одржување на новите бариери.
За реализација на проектот десетина фризерски салони донира исечена коса, што првично била предвидена да се користи за правење перики. Сега таа коса се користи за филтрирање и апсорпција на нафта.
Робран посочува дека користењето на косата за хуманитарни цели не е ништо ново. Во 2013 година, таа го започна добротворниот проект Кабелегрија, кој има за цел изработка на перики од донирана коса за пациенти болни од рак.
Поради интензивниот поморски сообраќај и постојаното пристигнување и заминување на бродови, заливот Гуанабара е изложен на разни видови загадување со децении, поради што е избран како тест локација за проектот.
Локалниот рибар Серхио Карваљо го опишува сериозниот проблем со загадувањето во областа.
„Кога одиме да ловиме риба со нашите мрежи, често наидуваме на дамки од нафта што ни ја отежнуваат работата. Нафтата останува на површината, но влијае на сè до длабочина од околу еден и пол метар. Рибите исчезнуваат“, вели тој.
Рибарската заедница, како и сите еколошки групи вклучени во проектот, се надеваат дека овие бариери од коса ќе помогнат во обнова на екосистемот и ќе придонесат за намалување на загадувањето во заливот.




