
Двејн Дејвис, познат како „Кефи Ди“, во 2019 година ја објави книгата „Легендата на улицата Комптон“ во која детално ја опиша својата улога во убиството на хип-хоп легендата Тупак Шакур. Во книгата Дејвис се осврнува на настаните во Лас Вегас во ноќта на 7 септември 1996 година и планот за справување со Тупак и шефот на издавачката куќа „Дет Роу Рекордс“, Марион Најт. Дејвис во книгата тврди дека мотив за убиството на Тупак била одмазда за претходен конфликт. Тој наведува дека набавил пиштол, влегол во „Кадилак“ со тројца мажи и почнала да го бараат хип-хоперот. Кога го забележале автомобилот на Тупак, му се приближиле.
„Не разменивме ниту збор, времето за разговор заврши, срањето требаше да започне!“, напиша Дејвис.
Според Си-Ен-Ен, оваа верзија на настаните сега е клучен доказ за Обвинителството за судењето за едно од најпознатите нерешени убиства во САД.
Обвинителите тврдат дека Дејвис бил водач на групата што го уби Тупак и го рани Најт во 1996 година и дека тој бил единствениот преживеан од автомобилот. Обвинението се базира речиси целосно на наводите на Дејвис во книгата, негови интервју за подкасти и документарни филмови и изјави што и ги дал на полицијата.
Поротата нема да го види оружјето со кое е извршено убиство, автомобилот со кој избегале убијците или снимки од надзорните камери, но ќе чујат сè што има да каже Дејвис.
„Во овој случај, практично сите докази што државата има намера да ги презентира ќе ги потврдат различните искази на обвинетиот за неговата улога во убиството на Тупак Шакур“, соопшти Обвинителството.
Дејвис (63) веќе се изјасни за невин по обвинението за убиство. По апсењето, тој тврдеше дека неговите претходни изјави биле лажни и дека само се обидувал да ја зголеми продажбата на книгата, а за спорните информации го обвинува коавторот на книгата.
Правните експерти велат дека тоа создало необична ситуација: обвинителите ќе се обидат да го докажат кредибилитетот на осомничениот убиец, додека неговите адвокати ќе го прикажуваат како лажго и измамник.

„Тоа е целосен пресврт. Ретко гледате нешто вакво“, изјави главната правна аналитичарка на Си-Ен-Ен, Лаура Коутс. Правниот аналитичар Џои Џексон наведува дека Дејви „е обвинет, но и клучен сведок“.
Судењето започнува денеска со избор на порота и се очекува да трае околу еден месец. Доколку биде осуден, Дејвис се соочува со доживотен затвор.
Дејвис често зборуваше за судбоносната ноќ, дури и на денот на неговото апсење во септември 2023 година. „За што те фатија, човече?“, праша еден полицаец. „За најголемиот случај во историјата на Лас Вегас“, одговори Дејвис.
Сведоштво пред полицијата
Дејвис постојано ја опишуваше својата улога во убиството, а неговата приказна беше прилично конзистентна во текот на годините. Во 2008 година, тој разговараше со агенти на федералната работна група како дел од посебен договор што ѝ дозволува на полицијата, со одредени исклучоци, да не ги користи неговите информации против него.
Во тој разговор, Дејвис рекол дека Тупак и Најт го нападнале неговиот внук Орландо Андерсон на 7 септември 1996 година. Според судскиот поднесок, Дејвис потоа набавил пиштол и со Андерсон и уште двајца мажи, тргнал во потрага по Тупак и Најт за одмазда.
Тој им кажал на истражителите дека го забележале Тупак на Вегас Стрип, направиле полукруг и се приближиле до неговото возило. Дејвис седел на совозачкото седиште, а белешките од разговорот покажуваат како вели дека Андерсон ги испукал фаталните истрели од задното седиште. Тој, исто така, им кажал на полицијците во Лас Вегас за неговата улога во смртта на Тупак.
Спогодбата значела дека полицијата не може директно да го обвини Дејвис врз основа на тие информации. Сепак, некои детали се објавени и во книгата на Грег Кадинг од 2011 година „Murder Rap“, а делови од неа подоцна биле прикажани во документарни филмови.
Јавни настапи и контроверзна книга

По ова, Дејвис почна јавно да зборува за случајот. Во 2018 година, тој се согласил да биде интервјуиран за убиството за документарецот на BET „Death Row Chronicles“. Тој ги опиша своите постапки таа ноќ и рече дека истрелите дошле од некој на задното седиште.
„Ќе го задржам тоа за себе поради правилата на улицата. Само ќе кажам дека дојдоа од задното седиште“, рече Дејвис.
Тој ја објави книгата во февруари 2019 година. Во неа детално е опишана неговата желба за одмазда, набавката на пиштолот „Глок“, неговата потрага по Тупак и моментите што ја променија историјата на хип-хопот.
„Тупак направи ненадејно движење и почна да посегнува под седиштето. Пак ја извади својата „курва“ и тогаш започна пукањето. Еден од моите луѓе на задното седиште го зграпчи „Глокот“ и возврати“, напиша Дејвис во книгата.
Тој напиша дека по пукањето, тие се одвезле и го напуштиле изнајмениот автомобил. Тој забележал дека тој и Најт биле единствените преживеани од ноќта. „Поуката од приказната е – не можете да се задевате со вистински гангстери!“, напишал тој.
Дејвис изјави дека пишувањето на книгата било „терапевтско“, а договорот за признавање на вината го нареле „животно дело“, објаснувајќи дека проговорил само затоа што верувал дека е заштитен.
„Не би рекол ни збор ако не ми понудија толку добра зделка. Не морав да отслужам ниту еден ден и не наштетив никому освен себеси, затоа што сите други веќе беа мртви. Размислете за тоа!, изјави Дејвис.
Откако книгата беше објавена, тој даде интервјуа за повеќе медиумите и повикуваше да се купува книгата.
Предизвици за обвинителството и одбраната
Четири години по објавувањето на книгата, Дејвис беше обвинет за убиство во сценарио кое речиси точно се совпаѓаше со неговата верзија на настаните. Обвинението нуди неколку можности: дека Дејвис директно го убил Тупак, дека тој помогнал во убиството со набавка на оружјето или дека бил дел од заговор.

За да ја докажат неговата вина, обвинителите планираат да ги користат неговите изјави, додека одбраната се обидува да ги оспори или да докаже дека се лажни. Судијата на прелиминарното сослушување пресуди дека поротата може да ја слушне содржината на книгата и интервјуата, бидејќи договорот со полицијата не ги опфаќа јавните појавувања. Тој, исто така, дозволи користење на изјави дадени на полицијата, иако изрази извесно сомневање за нивната легалност.
Лора Коутс ги нарече изјавите на Дејвис „супериорни докази“ за Обвинителството, особено во случај со толку малку други докази.
„Ова е самонанесена рана и многу му помага на Обвинителството. Инаку, немаше да имаат начин да ги добијат овие информации“, рече таа.
Обвинителите се обидоа да го зајакнат кредибилитетот на Дејвис, нагласувајќи Тие рекоа дека многу делови од книгата се точни и во согласност со другите докази. На пример, Дејвис напишал дека носел одреден костум за време на пукањето, а обвинителите подоцна пронајдоа фотографија од него како носи таков костум.
„Иако книгата е сензационалистичка, склона кон претерување, содржи неточности и барем една голема лага, таа генерално го опишува докажаниот живот на обвинетиот Двејнн „Кефи Ди“ Дејвис“, се вели во обвинителниот акт.
Од друга страна, одбраната ќе посочи делови од книгата за кои може да се докаже дека се лажни, со цел да ја дискредитира, објасни поранешниот окружен обвинител Дејвид Роџер.
„Навистина ќе се работи за тоа кои изјави во книгата се вистинити, а кои се лажни“, рече Роџер.
Обвинителството се соочува со неколку клучни пречки. Поминаа речиси 30 години од смртта на Тупак, па некои сведоци починаа, а сеќавањата на други избледија.
„Избледувањето на сеќавањата ќе биде најголемиот проблем во ова судење“, рече Коутс.
Неколку потенцијални сведоци исто така имаат проблеми со кредибилитетот. Суџ Најт, кој беше ранет во нападот, има свои правни проблеми и отслужува 28-годишна казна за усмртување на човек при удар со неговиот автомобил и за бегство. Иако е на списокот на сведоци на Обвинителството, тој претходно изјави дека нема да сведочи.
„Целата поента на ова судење е кому можете да му верувате? Одговорот не е едноставен или очигледен“, вели Коуст.
Не е јасно дали Дејвис ќе сведочи, но тој навести каква ќе биде неговата одбрана кога беше уапсен во 2023 година.
„Не сум загрижен. Не направив ништо“, изјави тогаш Дејвис.




