Култните картонски билети за јавен превоз во Париз ќе бидат целосно исфрлени од употреба на 15 декември, по 126 години користење; отсега па натаму, патниците ќе користат електронски картички.
Корисниците на јавниот превоз имаат рок до 14 јануари следната година да ги заменат преостанатите важечки картонски билети на шалтерите за продажба, пренесува весникот „Ле Фигаро“.
Градските власти наведуваат дека преминот кон картичките „Навиго“ (Navigo) е дел од поширока модернизација на системот за јавен превоз во Париз, со цел тој да се усогласи со современите стандарди.
Картонските билети ги придружуваа генерациите жители на парискиот регион, како и туристите, уште од отворањето на метрото во 1900 година.
Во текот на повеќе од еден век, билетите менувале бои – од кафеава и жолта, до зелена, виолетова и бела – а во 1973 година биле надградени со додавање на магнетна лента.
За многу корисници, тие претставуваа повеќе од обичен билет за превоз, станувајќи дел од секојдневните спомени и урбаната култура.
Колекционерите на билети особено ги ценат постарите примероци, бидејќи нивните бои и натписи го доловуваат духот на времето.
Билетите за париското метро заминуваат во историјата по 126 години

