Изборната кампања за предвремените парламентарни избори во Шпанија заврши синоќа со масовни собири на водечките политички партии во Мадрид, Севиља и Валенсија. Во земјата сега е на сила „изборен молк“ пред гласањето, кое ќе се одржи во недела, 29 ноември.
Шпанскиот премиер и лидер на Социјалистичката работничка партија (ПСОЕ), Педро Санчез, во Мадрид одржа собир кој беше најмасовен во неговата досегашна кариера, привлекувајќи повеќе од 13.000 поддржувачи, според шпанскиот весник „Ел Паис“.
Санчез ја обвини десницата дека се обидува да ја демонтира социјалната држава и вети дека ќе ги заштити работните места и правата на граѓаните.
И покрај корупциските скандали што ја потресоа партијата, железничките несреќи и неможноста да се усвои буџет за време на неговиот мандат, социјалистите влегуваат во периодот на изборен молк уверени дека можат да освојат околу 35 отсто од гласовите и, заедно со коалициските партнери, повторно да формираат мнозинство од 176 пратенички места во Конгресот.
Во меѓувреме, Алберто Нуњез Феихоо, лидер на опозициската конзервативна Народна партија (ПП), ја заврши својата кампања во Севиља пред околу 9.000 поддржувачи. Таму тој ги повика разочараните гласачи од левицата „да му го дадат својот глас“ за да помогнат земјата да стане чесна. Раководството на ПП проценува дека веројатно ќе им биде потребна поддршката од крајно десничарската партија „Вокс“ (Vox) за да формираат влада.
Лидерот на „Вокс“, Сантијаго Абаскал, одржа завршен собир во арената за борби со бикови во Валенсија пред околу 12.000 поддржувачи, опишувајќи ги изборите како егзистенцијални и упатувајќи низа тешки навреди кон актуелниот премиер, при што ја нарече владата „криминална мафија“.
Завршниот собир на левичарската коалиција „Широк фронт“ (Broad Front) во јужниот дел на Мадрид ги надмина очекувањата на организаторите, привлекувајќи околу 4.000 луѓе внатре во просторот и уште илјада надвор. Кандидатката за премиер Ада Колау и заменик-премиерката Јоланда Дијаз ги повикаа граѓаните на гласачките места да го повторат изненадувањето од 2023 година и да спречат десницата да дојде на власт.
Според најновите анкети, Народната партија (ПП) води со поддршка од околу 31 отсто, додека социјалистите ја намалија разликата на два процентни поени, добивајќи ја поддршката од приближно 29 отсто од гласачите.
Утре, граѓаните на Шпанија ќе изберат 350 пратеници во долниот дом на парламентот и 209 сенатори.
Изборната кампања во Шпанија заврши со масовни собири пред утрешното гласање

