Актерите Бред Пит и Анџелина Џоли постигнаа вонсудска спогодба, со што ставија крај на долгогодишниот правен спор околу нивната француска винарија „Миравал“ (Miraval), се наведува во заедничката изјава на поранешната двојка.
Условите на договорот не се обелоденети, пренесува „Гардијан“.
„Постигнавме вонсудска спогодба во најдобар интерес на нашето семејство и нема да даваме дополнителни коментари“, изјавија нивните претставници, додавајќи дека изјавите во медиумите, кои им се припишуваат на „неименувани извори“, не потекнуваат ниту од нив, ниту од некој близок до нив.
Пит ја тужеше Џоли во февруари 2022 година, откако актерката го продаде својот удел во винаријата на „Столи груп“ (Stoli Group) – компанија за алкохолни пијалаци под контрола на бизнисменот Јуриј Шефлер.
Пит тврдеше дека со тоа е прекршен договорот меѓу нив, според кој ниту една од страните не смее да го продаде својот удел без согласност на другата страна.
Во октомври истата година, Џоли поднесе противтужба, во која изнесе обвинувања за злоставување, за кои тврдеше дека се случиле пред нивниот развод.
Пит ги негираше овие обвинувања. Неговите адвокати наведоа дека преговорите за откуп на нејзиниот удел пропаднале поради барањето Џоли да потпише договор за доверливост, со кој би ѝ се ограничило правото да зборува за наводното злоставување врз неа и врз нивните деца. Двојката го купи контролниот удел во „Шато Миравал“ (Château Miraval) во 2008 година, а таму стапија во брак во 2014 година.
Џоли поднесе барање за развод во 2016 година, а официјално се разведоа во 2019 година.
Спогодбата за развод беше финализирана во 2024 година.
Бред Пит и Анџелина Џоли ставија крај на правниот спор околу француската винарија

