Постојаниот известувач на Европскиот парламент Томас Вајц вчера им порача на македонските политичари дека и земјите -членки на Европската унија не се имуни на корупција и се борат против неа, но дека таму богати луѓе лежат во затвор за корупција.
Имавме огромен скандал со недвижности. Одговорниот беше господин Бенко. Многу луѓе сметаа дека тој е просто пребогат за да оди на суд. И довербата во системот можеше да се измери на денот кога го уапсија и отиде во притвор. Луѓето видоа дека и еден од најбогатите во Австрија ќе излезе пред суд, ќе биде приведен за тешко дело. Апелирам дека не се работи за реализација на обврските кон ЕУ, критериумите за пристапување, се работи за вложување во вашето општество, во вашата земја, во функционирањето на вашите институции, вложување во довербата во системот. Ако не можете да ги убедите граѓаните дека правдата постои за сите, тоа на луѓето им дава причина да заминат, рече Вајц на сесијата на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија.
Рече дека една од причините поради која си заминуваат младите е поврзана со тоа колкава е довербата во институциите и во правосудството.
Како Австриец ќе кажам: Дојдете кај нас во Австрија, нас ни требаат квалификувани луѓе, образовани луѓе, но знам каков ефект има тоа во општеството. Овде сум како поддржувач на Северна Македонија и на целиот регион. И сакам да ве предупредам дека ако младите заминат, заминува и дел од иднината на земјата, а тоа е поврзано со довербата во институциите, довербата во правосудството и довербата во вашите институции, рече Вајц.
Довербата во правосудниот систем во земјава е на многу ниско ниво од околу два процента, а неколкуте ослободителни пресуди за корупција на високи функционери уште толку ја разнишуваат и така кревката доверба. Дел од случаите завршуваат без казна поради апсолутна застареност на делата што делумно е потикнато од измените на Кривичниот законик.

