Повеќе од 490 осомничени се уапсени ширум светот во голема меѓународна полициска операција против организираниот криминал, соопшти денеска белгиската Федерална полиција, која раководеше со акцијата.
Во операцијата „Атлас Нексус“, во која учествувале повеќе полициски служби од 34 земји од Европа, Латинска Америка и Карибите, се запленети и 157 тони дрога, околу 200 парчиња оружје и 135.000 долари (117.660 евра) во готовина и во криптовалути.
Операцијата била насочена против шверцот на дрога, криумчарењето луѓе, фалсификувањето документи, илегалната трговија со оружје и еколошкиот криминал.

При тоа, според белградската полиција, полициските служби успеале да идентификуваат, спасат и да им помогнат на 18 жртви.
Во операцијата, во која учествувувале повеќе од 8.600 полицајци и правосудни службеници, биле извршени претреси на 110 авиони, 28 брода, 415 возила и 271 контејнери, спроведени на контролни пунктови во пристаништа, на аеродроми и долж главните сообраќајни правци, како и на вкупно 595 домови.
Според белгиската полиција, најголемата придобивка од операцијата не е запленета дрога, туку пред сè е разоткривањето и разбивањето на меѓународните криминални мрежи. Уапсените биле поврзани со организации активни на шверцерските рути меѓу Јужна Америка и Европа.

„Самото пресретнување на пратките веќе не е доволно. Целта е да се мапираат структурите што стојат зад шверцот, да се разбијат и да се лишат од средствата со кои ги финансираат своите активности, се неведува во соопштението на белгиската полиција.
При операцијата е откриена лабораторија за преработка на кокаин во Ирска, како и два илегални рудници за злато во Француска Гвајана. Значајни резултати при операцијата биле постигнати во Австралија, Грција, Ирска, Костарика, Парагвај, Португалија, Суринам, Франција, Црна Гора и Шведска. Само во Австралија биле запленети 5,6 тони кокаин.
„Операцијата имаше и посебен фокус на Костарика и Парагвај“, се додава во соопштението.

