Променливо облачно и студено време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег, нè очекува во текот на викендов. Локално дождот ќе биде пообилен, со над 30 литри на квадратен метар за 24 часа, а со продорот на постуден воздух од север, врнежите постепено ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места.
Времето денеска ќе биде претежно облачно, со повремени врнежи од дожд, кои во попладневните часови на повисоките места ќе преминуваат во снег. Ќе дува умерен ветер од северен правец, кој во североисточните делови и долж Повардарието повремено ќе засилува и ќе достигнува силен интензитет.
Утринските температури ќе се движат од 2 до 10 степени, додека дневните ќе достигнат од 5 до 12 степени.
Во Скопје се очекува облачно време со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта постојат услови дождот да премине во снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, кој во одделни делови од котлината повремено ќе биде засилен. Температурата ќе се движи од минимални 7 до максимални 8 степени.
Утре продолжува облачното и врнежливо време, со дожд и снег во некои од пониските предели, додека на повисоките места и на планините врнежите ќе бидат од снег. На планините се очекува формирање нова снежна покривка до 20 сантиметри, а на повисоките места можни се од 2 до 10 сантиметри снег.
Врнежите ќе престанат кон крајот на денот, по што од понеделник следува период на стабилно, но студено време.

