Македонија ќе добие 71 милион евра во следната рунда исплати од Планот за раст за Западен Балкан, откако спровела 56 отсто од предвидените реформи, а дополнително ќе ѝ бидат распределени уште 10 отсто од средствата што нема да ги искористат земјите со послаби резултати. Ова денеска го соопшти еврокомесарката за проширување Марта Кос на прес-конференцијата по Самитот на лидерите на Западен Балкан посветен на Планот за раст, што се одржа во Тирана под слоганот „Реформи, раст, интеграција – заедно кон Европа“.
Кос оцени дека резултатите од спроведувањето на реформите во регионот се различни, при што три земји постигнале добар напредок, додека другите три не ги искористиле целосно можностите што ги нуди Планот за раст.
Меѓу земјите со најдобри резултати се Црна Гора, која спровела 94 отсто од предвидените реформи, и Албанија со 80 отсто. Македонија е на 56 отсто, а во следната рунда исплати ќе добие 71 милион евра.
„Црна Гора има спроведено 94 проценти од предвидените реформи. Тоа е импресивен процент, па во следната рунда на исплати ќе добие 81 милион евра. Албанија има спроведено 80 отсто од предвидените реформи и ќе добие 185,6 милиони евра. Ова е четврта исплата. Северна Македонија има спроведено 56 проценти од предвидените реформи и ќе добие 71 милион евра“, рече Кос на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама.
Еврокомесарката појасни дека Планот за раст е конципиран така што ги наградува постигнатите резултати, а неискористените средства се прераспределуваат кон земјите што покажале поголем напредок во спроведувањето на реформите.
Според овој механизам, Црна Гора и Албанија ќе добијат дополнителни 15 отсто од средствата, додека Македонија ќе добие дополнителни 10 отсто. Исплатите по оваа основа се очекува да се реализираат следната година.
„Црна Гора и Албанија ќе добијат по 15 отсто повеќе средства во рамките на Планот за раст. Процесот е веќе започнат, па исплатите ќе се реализираат следната година. Северна Македонија ќе добие дополнителни 10 проценти. Честитки – ова го заслуживте преку вашите реформски заложби“, изјави Кос.
Осврнувајќи се на другите земји од регионот, Кос рече дека Европската комисија од јануари нема извршено исплати за Србија, бидејќи обврските преземени со Реформската агенда, договорена со претходната влада, не биле спроведени. Сепак, таа оцени дека сега постои можност за нов почеток, додавајќи дека претставниците на Студентската листа веќе добиле насоки за структурирање на реформите со цел земјата да обезбеди пристап до што е можно повеќе средства.
Во однос на Косово, еврокомесарката оцени дека формирањето нова влада претставува можност за обновување на фокусот кон европскиот пат и надоместување на пропуштеното во спроведувањето на реформите.
Босна и Херцеговина, пак, сè уште треба да ги ратификува потребните договори за да се стекне со право на финансирање преку Планот за раст. Кос предупреди дека без напредок земјата би можела да ги загуби сите предвидени една милијарда евра.
Во Тирана, Кос се осврна и на постепената интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, посочувајќи дека тие ќе добиваат сè повеќе можности за пристап до единствениот европски пазар и пред полноправното членство.
Меѓу приоритетните области ги издвои енергетиката, транспортот и дигитализацијата, како и можноста претставници на земјите кандидатки порано да бидат вклучени во работата на одредени европски институции.
„Затоа, да ја искористиме последната година од Планот за раст за да го забрзаме овој процес, да ги спроведеме реформите и да ги унапредиме економските можности во регионот“, порача Кос.

