Прославениот кошаркар Дејан Бодирога поднесе оставка на местото пратеник во Народното собрание на Србија, каде беше избран како кандидат на Студентската листа.
Официјално Бодирига ја образложи оставката со „бројни обврски“.
„Многу ми е чест што Студентското движење ми ја довери довербата да бидам еден од 250-те кандидати за пратеници. Особено ми е чест фактот што оние што ја водеа борбата за слобода и направија најголеми жртви ме препознаа како некој што може да придонесе во заедничките напори за ослободување на нашата татковина од владеењето на мафијата“, порача Бодирога.
Тој нагласи дека во договор со Студентското движење, се согласил да застане рамо до рамо со луѓе кои, како и тој, минале низ најдемократска постапка за да бидат на оваа листа.
„Но, веднаш го известив Студентското движење откако ја прифатив мојата кандидатура дека, поради бројни обврски, нема да можам да ја прифатам работата на пратеник. Сега се соочуваме со клучен момент кога мора да ја претвориме изборната победа и ветувањата што им ги дадовме на граѓаните во резултати што ќе овозможат нормален живот за сите луѓе во Србија“, потенцира Бодирога.
Инаку, покрај Бодирога оставки на пратеничките места поднесоа и Џенан Паламар од Санџачката демократска партија (СДП) на Расим Љајиќ и Марко Кораќ од Српската напредна партија (СНС).
Нивните оставки ќе бидат разгледани од Комисијата за административно-буџетски и мандатно-имунитетни прашања на српскиот парламент на 30 ноември.

