Властите на Костарика не ѝ дозволија влез во земјата на специјалната известувачка на Обединетите нации за палестинските територии, Франческа Албанезе поради „врски со тероризмиот“.
Албанезе пристигна вчера на аеродромот во костариканскиот главен град Сан Хозе, каде денеска требаше да биде проглсена за почесен доктор од Универзитетот на Костарика.
Сепак, по пристигнувањето, Албанезе била запрена од имиграциските служби, кои не ѝ дозволиле влез.
„Издадено е меѓународно предупредување за оваа личност поради поврзаност со терористички активности“, соопштија имиграциските власти на социјалните мрежи.
Самата Албанезе сподели фотографија од аеродромот, со натпис: „Овде ќе ја поминам мојата прва ноќ во Костарика“.
За време на онлајн церемонијата за доделување на почесниот докторат, Албанезе изјави дека е „длабоко револтирана“ бидејќи „владата на Костарика ширела лажни информации, поврзувајќи ја со тероризам“.
Според Албанезе, Костарика ќе мора да одговара за „лажните обвинувања за поврзаност со тероризам“.
„Бранењето на човековите права не е тероризам. Владата ќе мора да одговара за овие инсинуации, како што доликува во една уставна држава“, додаде таа.
Како специјален известувач на ОН за палестинските територии, Албанезе изготви повеќе извештаи за војната во Газа. Во нив, таа во неколку наврати го обвини Израел за геноцид и други воени злосторства во Појасот Газа и на Западен Брег.
Овие изјави предизвикаа остри критики, меѓу другото, од Израел и САД, две земји со кои Костарика одржува блиски односи.
Поради нејзините критики кон Израел, Албанезе минатата година беше ставена на американската листа на санкции. Како резултат на тоа, таа е во голема мера отсечена од меѓународниот финансиски систем: не може да прима плата, повеќе нема кредитна картичка, а се соочува и со финансиски ограничувања во други сфери.

