Стотици илјади домаќинства во САД и синоќа беа без електрична енергија по силниото невреме што ги погоди источните и централните делови на земјата за време на празнувањето на Денот на благодарноста. Невремето со обилни врнежи, силни налети на ветер и поплави во крајбрежните подрачја предизвика сериозни проблеми, а во Њујорк доведе и до одложување на традиционалната празнична парада по повод Денот на благодарноста, пренесува Франс прес.
Според податоците на специјализираната интернет-страница „Пауер Аутиџ“, близу половина милион потрошувачи низ САД сè уште немале електрична енергија. Најпогодена била Пенсилванија, каде што без струја останале околу 122.000 домаќинства.
Во централната сојузна држава Мисури, на одделни места снежната покривка достигнала речиси 40 сантиметри. Електроснабдувањето на околу 72.000 домаќинства сè уште не било обновено, а невремето го нарушило и авиосообраќајот. Биле регистрирани доцнења на околу 1.600 летови, додека повеќе од 500 биле откажани.
Без електрична енергија биле и околу 45.000 домаќинства во сојузната држава Њујорк.
Поради временските услови беше одложен и традиционалната парада за Денот на благодарноста, организиран од стоковната куќа „Мејсис“ во Њујорк, кој секоја година привлекува илјадници посетители. Настанот е препознатлив по огромните балони исполнети со хелиум, со ликови од анимирани филмови и познати личности од поп-културата.
Ова е првпат во поновата историја на манифестацијата таа да биде одложена. Парадата била откажана три последователни години за време на Втората светска војна – во 1942, 1943 и 1944 година.

