Хуманитарната организација „Лекари без граници“ соопшти дека двајца нејзини припадници загинале синоќа при израелски напад врз една од нивните болници во Газа.
„Ова е директен напад врз „Лекари без граници“, со што вкупниот број на загинати колеги во Газа се искачи на 17“, информира денеска организацијата.
„Лекари без граници“ наведува дека нивните објекти се јасно означени со нивните логоа, како и дека локацијата им била пријавена на израелските воени сили.
На соопштението на „Лекари без граници“ реагираше израелската Армија, која тврди дека двајца загинати во напад всушност биле припадници на Хамас.
На социјалните мрежи Армијата посочи дека станува зборува за „целен напад“ на израелските сили во градот Газа.
„Двајцата беа терористи од военото крило на Хамас и се претставуваа како чувари во клиника на „Лекари без граници“, наведува Армијата.
Еден од загинатите, наводно, дури бил и командант на артилериска единица во рамките на военото крило на Хамас.
Според војската, нападот не бил насочен кон болница и не била предизвикана штета на медицинската инфраструктура во таа област.
Тврдењата на израелската Армија и на „Лекари без граници“ засега не можат независно да се потврдат.

