Американската агенција за кредитни рејтинзи „Стандард и Пурс“ го задржува кредитниот рејтинг на Франција на ниво А+, но му доделува „негативни перспективи “, како резултат на растот на буџетскиот дефицит и државниот долг на земјата.
Франција е земја со најлоша економска состојба во Еврозоната, оттаму и не изненадува што „Стандард и Пурс“ ги промени перспективите на земјата од „стабилни“ во „негативни“.
Агенциите за кредитен рејтинг ја проценуваат веројатноста дека некоја држава, компанија или организација ќе биде во можност да ги отплати своите долгови.
Во случајот со Франција, изгледите станаа помалку охрабрувачки, бидејќи француската Влада не успева да ги среди своите финансии.
Постои ризик францускиот буџетски дефицит оваа година да биде повисок од очекуваното, достигнувајќи 5,5 отсто од БДП, а се очекува и понатаму да биде под притисок. Дополнително, „Стандард и Пурс“ проценува дека францускиот државен долг ќе продолжи да расте, достигнувајќи 118 отсто од БДП до 2029 година.
„Стандард и Пурс“ има мали очекувања дека политичката клима, дури и по претседателските избори следната година, ќе доведе до мерки за решавање на проблемот со буџетскиот дефицит и растот на државниот долг.
Министерот за финансии Ролан Лескур во својата прва реакција на „Стандард и Пурс“ изјави дека ја зема предвид оваа вест и повикува на конкретни чекори.
„Оваа проценка ја нагласува апсолутната неопходност што поскоро да се изготви одговорен буџет за земјата. Буџет кој ќе ги стабилизира јавните финансии преку намалување на дефицитот на најмногу 5 отсто од БДП“, реле Лескур.

