Претседателскиот центар „Стево Пендаровски“ организира јавна дискусија на тема „Западен Балкан во поредок што се менува: проширување, идентитет и демократски иднини“.
Дискусијата ќе се одржи во Клубот на пратеници, а ќе ја отвори поранешниот претседател Стево Пендаровски.
Воведни излагања ќе имаат Борис Буден, културолог и писател, Јоанис Армаколас, вонреден професор на Универзитетот „Македонија“ и истражувач во Хеленската фондација за европска и надворешна политика (ЕЛИАМЕП), и Александар Спасов од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Разговорот ќе ја разгледа поврзаноста меѓу геополитичките околности и прашањата на идентитетот, како и условите неопходни за надминување на ризиците од стабилократија и авторитарни тенденции и за унапредување на демократската консолидација на регионот, заснована на европската перспектива.
Настанот се организира во соработка со Фондациите Отворено општество – Западен Балкан, Фондацијата „Фридрих Еберт“, и Фондацијата „Зоран Ѓинѓиќ“.

