Договорот на Владимир Путин за зимски прекин на огнот во енергетскиот сектор и примирјето во Црното Море што би овозможило извоз на храна од Украина би покажало дека Русија е сериозна во врска со преговорите, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, цитирана од „Политико“.
„Како што беше дискутирано на состанокот на Коалицијата на волјата минатата недела, Русија мора да се согласи на зимски прекин на огнот во енергетската инфраструктура и примирје за да се обезбеди безбедно поминување на извозот на храна преку Црното Море“, нагласи таа. Според неа, ЕК помага во зајакнувањето на позицијата на Киев во преговорите со зајакнување на санкциите и обезбедување пари за вршење притисок врз Русија, која постојано бомбардира градови во Украина со немилосрдна воена офанзива.
Порано оваа недела, Европската комисија го предложи својот 22-ри пакет санкции . Тој вклучува забрани за трансакции насочени кон повеќе руски банки, ограничувања за европските компании кои ѝ помагаат на Русија во развојот или одржувањето на нејзината енергетска инфраструктура, забрана за издавање визи од ЕУ на сегашни и поранешни припадници на руските вооружени сили и забрана за европските граѓани да учествуваат во управните тела на руските компании.
Урсула фон дер Лајен истакна дека санкциите ги поткопуваат темелите на војната на Русија. Имаме многу индикатори што укажуваат на влошување на изгледите за руската економија, објасни таа. Според неа, стратегијата е двонасочна: „Прво, максимална поддршка за Украина, во комбинација со максимален притисок врз Русија. И второ, целосно учество на Европа во преговорите за постигнување траен мир“.
Претседателката на ЕК истакна дека финансиската поддршка од Европа е клучен елемент на мировните преговори. Таа ја претстави новата структура за кредитирање насочена кон покривање на потребите на Украина до 2027 година – вклучувајќи 45 милијарди евра обезбедени од ЕУ. „Силен европски тим ќе учествува во следната рунда преговори. Ќе го процениме напредокот врз основа на постапките на Русија, а не само на нејзините зборови“, додаде таа.
„Мораме да ѝ дадеме на дипломатијата најдобра можна шанса за успех. Во последните недели видовме обновен моментум во мировните преговори. Силен европски тим ќе учествува во следната рунда преговори. Ова е важно, бидејќи безбедноста на Украина директно влијае на нашата сопствена безбедност“, нагласи фон дер Лајен, цитирана од УНИАН.
Во овој поглед, таа увери дека Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува Украина, заштитувајќи ги сопствените европски интереси. Фон дер Лајен истакна дека Европската Унија ќе го оценува напредокот врз основа на постапките на Русија, а не на нејзините зборови.

