„Суперизборната 2026 година“ во Германија заврши. Година со пет покраински избори, при што особено се издвоија последните три, одржани на истокот од земјата.
Од резултатите од овие избори ова може да се извлечат неколку важни заклучоци: незадоволството од начинот на владеење носи казни, радикалните идеи носат поени, а трезвениот разум не надвладува над емоциите.
Уште поневеројатно е тоа што овие заклучоци се извлекуваат од земјата „без експерименти“, каде што Ангела Меркел со години беше канцеларка благодарение на нејзината предвидлива и донекаде здодевна рационалност. Но, очигледно е дека работите се менуваат и тоа е нешто на што сите треба да се навикнат, па дури и самите Германци.
Преглед на резултатите од петте овогодишни покраински избори покажуваат дека екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АФД) освои двојно повеќе гласови отколку на претходните избори. Така во Баден-Виртемберг АФД освои 18,8 отсто гласови или 9 процентни поени повеќе, во Рајнланд-Пфалц 20 проценти (+11 п.п.), во Саксонија-Анхалт 43,8 отсто (+23 п.п.), во Мекленбург-Западна Померанија 38,2 отсто (+21,5 п.п.) и Берлин 16,3 отсто (+7,2 п.п.).
Истовремено, двете владејачките партии, Христијанско демократската унија (ЦДУ) и Социјалдемократската партија на Германија (СПД) претпеа порази на сите избори. Понекогаш со драматично ниски резултати, како што беше случајот со СПД во Баден-Виртемберг, каде освои 5,5 отсто од гласовите или ЦДУ во Мекленбург-Западна Померанија со 4,9 проценти, со што не го мина изборниот праг и првпат во историјата на партијата, нема да биде застапена во еден покраински Парламент.
ЦДУ и СПД се партиите што со години управуваат со Германија, всушност во текот на целиот повоен период. Особено ЦДУ речиси секогаш учествуваше во владите – понекогаш со либералната Слободна демократска партија (ФДП) како помал партнер, а понекогаш и со СПД, како што е случајот сега. Овие две партии ја направија Германија она што е денес: економски мотор во срцето на Европа. Земјата што двапати се соочи со антидемократско наследство во 1945 и повторно во 1989 година.

Помалку Холокаустот, а повеќе Бизмарк
Повеќе од 80 години по крајот на Втората светска војна и 37 години по падот на Берлинскиот ѕид, Германците очигледно решија да кажат: Доста е. Тоа претставува радикален пресврт за Германија, односно дека значителен дел од германското население повеќе не се чувствува ограничено од историјата, туку на сегашноста гледа со гнев, а на иднината низ темни очила.
Од една страна, тука е АФД, која се залага за „помалку Холокауст, а повеќе Бизмарк“ и која бележи големи победи речиси насекаде, а од друга страна, е партијата Левица, која како наследник на градителите на Берлинскиот ѕид, е најголема токму во Берлин. Пред една деценија, ова би изгледало како претерана политичка фантазија.
Традиционалната политичка Германија ќе мора да најде одговор на ова или во спротивно постои ризик од појава на уште повеќе партии како гореспоменатите.
Колку порадикално, толку подобро
Секако, резултатите од последните три избои во сојузните покраини на истокот од земјата се навистина впечатливи. АФД во Саксонија-Анхалт за влакно не успеа да освои апсолутно парламентарно мнозинство, а во Мекленбург-Западна Померанија стана најголема партија.
Пред две години, АФД победи во уште една источногерманска покраина, Тирингија. Тогаш прашањето беше дали партијата ќе победи, а сега веќе е дали ќе освои апсолутно мнозинство или нема. Нејзиниот подем изгледа незапирлив.
Од тој аспект, забележителен е начинот што АФД го избра за подем во Источна Германија, не воздржувајќи се дури ни од радикализацијата. Оттаму и не изненадува што локалните ограноци на АФД во Тирингија и Саксонија-Анхалт се под надзор на државната безбедност како „екстремно десничарски организации“.

Во партиските редови има личности со неонацистичко минато, но и луѓе што отворено го поддржуваат рускиот претседател Владимир Путин.
Концепти на АФД како крајно контроверзната „репатријација“ на мигрантите повеќе не предизвикуваат чудење, посебните паралелки за децата на бегалците со цел да се спречи нивната асимилација се „нормална“ идеја, а поголема застапеност на рускиот јазик во училиштата или забраната за „нечиста“ германска култура станува нешто што се подразбира само по себе. Токму во регионите каде што нејзината изборна програма е поекстремна од кога било досега, АФД бележи успеси.
Слична приказна гледаме и во Берлин, каде што партијата Левица победи на изборите и ужива поддршка од повеќе од четвртина од гласачите. Ваквиот резултат го постигна со програма што, меѓу другото, предвидува експропријација на приватниот имот со цел да се реши станбената криза во градот.
Во рамките на берлинскиот огранок на Левица постои и фанатично антисемитско крило, кое, меѓу другото, нападот на Хамас врз Израел од 7 октомври 2023 година не го смета за тероризам. Ова веќе доведе до тензии во партијата. Но, дури ни тоа не ги одврати избирачите да гласаат за таа партија во град каде што заштитата на еврејскиот живот е самата смисла на постоењето и каде што претходниците на Левица некогаш изградија ѕид. Имено, Левица настана во 2007 година со обединување на наследничката на некогашната источногерманска комунистичка партија, Партијата за демократски социјализам (ПДС) и левичерските дисиденти од СПД, Труд и социјална правда – Изборна алтернатива (ВАСГ).
Санитарен кордон
Така, имаме три изборни циклуси по ред во кои победуваат екстремните опции – во два десничарска, во една левичарска.
Сепак, мали се шансите АФД да влезе во владата. Околу АФД постои т.н. „санитарен кордон“, па во принцип, ниту една друга позначајна партија не сака да соработува со неа.
За разлика од неа, партијата Левица има подобри шанси да дојде на власт во Берлин, бидејќи таму не постои таков „кордон“ од страна на СПД и Зелените. Тие честопати владееле заедно во сојузните покраини од поранешна Источна Германија, но со берлинскиот огранок на Левица соработката може да оди потешко. За СПД, експропријацијата на приватниот имот е тешко прашање, а на Зелените многу тешко им паѓа ставот на Левица во однос на Газа и Израел.

Колку поразумно, толку послаби резултати
Самиот факт дека веројатно ќе можат да продолжат да делуваат од опозиција, пред се АфД, ги прави овие партии потенцијално уште посилни. Ова од причина што германскиот народ е лут и незадоволен, дури и многу лут и незадоволен, и тоа во голем дел од земјата. Традиционалните партии, особено оние двете што ја направија Германија тоа што е денес, затоа стануваат жртви на ваквата состојба.
Ако се слушне мислењето на Германците на улиците и на предизборните собири за тоа што не функционира добро, се добива широк спектар на одговори: од миграцијата, преку економијата, цените на горивата и исчезнувањето на работните места, па сè до лични приказни и силното чувство на несигурност во однос на идентитетот.
Она што им е заедничко е мислењето дека за сè се виновни политичарите од традиционалните партии, бидејќи не сакаат да го „слушнат народот и да го направат она што народот го сака“. За тоа генерално сите се согласуваат.
Што со Фридрих Мерц?
Канцеларот Фридрих Мерц стана апсолутна персонификација на оваа ситуација. Тој е богат претприемач со сопствен приватен авион, кој првенствено верува дека Германците мора повеќе да работат за да ја заживеат економијата. Мерц ја доби довербата на последните избори за Бундестагот, токму затоа што делуваше како човек кој ќе ја врати економијата на вистинскиот пат по години на стагнација или пад.
Единствениот проблем е што на Германците не им се допаѓаат неговите рецепти. А уште помалку им се допаѓа начинот, понекогаш прилично директен, на кој Мерц ги пласира своите решенија. Згора на тоа, тој ја има и несреќата што економските реформи, дури и кога се носат одлуки што навистина имаат позитивно влијание, честопати даваат резултати дури многу подоцна, додека непријатните последици често се чувствуваат веднаш.

Тоа го сфаќа и канцеларот. Тој исто така е свесен колку е драматична ситуацијата за неговата ЦДУ. Пред две недели, по изборите во Саксонија-Анхалт, тој упати еден вид признавање на грешката. „Мојата партија не успева да допре до Германците на емотивно ниво“, изјави тој ден по изборите. Тоа не е најчесто цитираната, но секако е највпечатливата изјава на Мерц за време на неговиот мандат како канцелар.
Што понатаму?
Тоа навистина е главниот проблем на ЦДУ, а со тоа и на другата владејачка партија, СПД. Тие се обидуваат да управуваат со Германија преку чиста рационалност, прагматизам и комбинација од сметководствен пристап и грижа за националните интереси, онака како што тоа го правеле отсекогаш, и тоа успешно.
Но, периодот на напредок без напори во „земјата на чудата што ги надминуваше сите пречки“ сега е завршен. Во последниве години, Германија претрпе удари на различни полиња, а тие удари бараат поинаков вид пристап.
Како традиционалните партии можат да го свртат текот на настаните е прашање на кое во моментов не е лесно да се даде одговор. Во моментов, фокусот е особено силно насочен кон самата личност на Мерц. Во последните недели имаше многу шпекулации за негово предвремено заминување: повлекување, разрешување или смена.
Но, Мерц не се повлекува. Во необична изјава дадена вчера само 10 минути по објавувањето на првите резултати од излезните анкети, канцеларот рече дека останува на функцијата и сака да продолжи да работи на своите реформи.

За многу Германци, ова е уште еден конечен доказ дека тој „не слуша што сака народот“. Неговата партија е казнета со невидена жестина, а тој на тоа одговара со ставот: „ќе продолжиме да го правиме истото“.
Внатрешни несогласувања
Сепак, таквиот избор на Мерц не е замислен да делува толку инаетливо или тврдоглаво како што можеби изгледа. Смената на канцелар не е едноставна работа. Тоа без избори може да се направи само ако самиот канцелар се повлече. Потоа, партијата прво мора да се договори за потенцијален наследник, кој потоа треба да биде избран со мнозинство гласови во Бундестагот. Со други зборови, би требало да се убеди и СПД (SPD) да го прифати новиот кандидат.
Првата пречка е веројатно и најтешката. Кој е најлогичниот наследник на Мерц во рамките на ЦДУ? Многумина се чувствуваат повикани, но само еден може да биде вистинскиот избор, па оттаму голема е веројатноста партијата да западне во внатрешни судири.
Резултатот од ова може да биде зацврстување на сликата дека партијата првенствено се занимава сама со себе, наместо со гневот на народот.
И така, останувањето на функцијата навистина е најдобриот избор, со надеж дека расположението ќе се промени пред изборите во 2029 година, дека сета негативност околу Мерц донекаде ќе стивне во текот на следните три години и дека неговите реформи навистина ќе вродат со плод.
Иако тоа можеби ќе биде залудна надеж, бидејќи тие реформи можеби нема да допрат до срцата на Германците, а некој сепак ќе мора да им понуди утеха.

