Утре завршува мерката за намалено ДДВ за горива од 18 на 10 проценти што Владата ја донесе на 13 септември, а почна да важи од 15 септември. Утре се очекува и Регулаторната комисија за енергетика да донесе нова одлука за горивата која ќе важи во следните седум дена.
Оваа интервентна мерка беше донесена со цел да го ублажи ценовниот удар врз граѓаните и стопанството предизвикан од осцилациите на пазарот на нафтени деривати.
Намалувањето примарно се однесуваше на дизел горивото, овозможувајќи пад на цената за околу 2 денари по литар, наместо очекуваното поскапување.
Дали оваа мерка ќе биде продолжена, треба да одлучи Владата.
Со последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика цената на дизелот се искачи на 104,5 денари за литар. Цената на Еуросупер БС-95 е 99 денари, а Еуросупер БС-98 се продава по цена од 101 денар за литар.
Нарушувањата во глобалното снабдување со енергенси ги принудуваат европските држави да преземаат мерки од намалување на даноци, директни субвенции со финансиска помош за граѓаните.

