Поранешни членови на Социјалдемократскиот сојуз сметаат дека СДСМ може да биде силна опозиција но, не на чело со актуелниот лидер Венко Филипче. Иницираа платформа „Разговори за иднината 12:05“ и најавија дека ќе достават стратегија за реформи. Лидерот на СДСМ ваквиот потег го гледа како обид за пуч.
Нема да чекаме повик, ќе биде доставена стратегијата, но принципиелно рековме до тој момент нема да објавуваме ништо. Ќе оставиме претседателот на партијата да ја разгледа. Дали ќе му треба еден , два дена, еден час или десет минути, тоа е негово. Дали ќе ја искомуницира со јавноста или не, оставаме на него. Но, апсолутно нема да оставиме работите да бидат вака и СДСМ и понатаму поради лошата политика да остане заложник на ВМРО-ДПМНЕ и да биде штитот кој само го купува времето на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да останат на власт, изјави вчера поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска.
Во платформата се приклучени поранешни и актуелни функционери на СДСМ како Игор Ивановски, Андреј Петров, Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ и актуелната пратеничка Славјанка Петровска. Тие сметаат дека јака опозициска сила може да ја сруши актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ која според нив е најнеспособната влада.
А Христијан Мицкоски, кој ја предводи актуелната Влада, вели дека Платформата ја пропуштила можноста да остави позитивен прв впечаток, бидејќи, како што посочува, ги потценува граѓаните.
Одговарајќи на новинарско прашање за оценките на лидерот на СДСМ Венко Филипче дека членовите на платформата 12:05 се платени од власта и работат за Мицкоски, како и дали има амбиција преку платформата да го преземе СДСМ, премиерот рече дека не сака да се меша во внатрешните работи на опозициската партија.
Прво ќе го искоментирам почетокот, дека нема алтернатива. Јас жалам повторно што дури и оваа алтернатива којашто се претставува дека е алтернатива на опозицијата, повторно го потценува народот и го навредува со тоа што го прави кусоглед. И таа вели: „Вие, бидејќи немате избор, затоа сте за Мицкоски, за ВМРО“. Мислам, самото по себе е, како да кажам, нешто кое што претставува оксиморон во целава ситуација. Но, тоа е нивен проблем, изјави Мицкоски во интервју за МРТ.
Во однос на актуелното раководство на СДСМ, Мицкоски рече дека тоа се внатрешни работи на партијата и оти не сака да се меша, но нагласува дека на Македонија и е потребна силна опозиција за да има политичка дебата со Владата, а во моментот, според него, такво нешто нема.
На вчерашната трибина што ја организираше оваа платформа се приклучи и „Левица“. Амар Мециновиќ, кој беше претставник од оваа партија, во изјава за медиумите рече дека Левица има одговорност да разговара со различни опозициски елементи во општеството, во услови на економско деградирање и крајна неказнивост меѓу раководствата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Сметам дека за нас како Левица времето е созреано да продолжиме да разговараме со сите опозициски елементи во општеството, да се обидеме да пронајдеме заеднички јазик затоа што сметаме дека сега е време да се направи рез. Сметаме дека во оваа држава имаме за што да живееме и имаме за што да се бориме. Нашите животи треба да продолжат овде, како и животите на поколенијата што доаѓаат по нас. Во моментот кога сите ние заедно како општество ќе одлучиме дека следните 35 години мора да бидат поинакви, тогаш може да започне и нивното поинакво градење. Македонија е уништувана ден по ден и затоа ден по ден мора повторно да се гради, рече Мециновиќ.
Од СДСМ, ваквите случувања ги толкуваат како обид за рушење на актуелното раководство на партијата и дека зад тоа стои ВМРО-ДПМНЕ.
Богданка Кузеска, член на Извршниот одбор на партијата, на прес-конференција рече дека се води кампања против лидерот на СДСМ со вклучување на различни медиумски и политички структури. Според неа, поддршката што министрите од ЗНАМ 1.0 ја даваат за ЗНАМ 2.0 е доказ за координирани дејствија.
„Ете, граѓаните сега имаат црно на бело. Тендери за основачите на Платформата „за иднината на Мицкоски“. 1,6 милиони евра. Помалку од Гета. Повеќе од нивната чест, рече Кузеска.
Случувањата околу платформата „Разговори за иднината во 12:05“ покажуваат дека во СДСМ се отвора сериозна внатрепартиска дебата за иднината на опозицијата и самото раководство на партијата.
По вториот состанок на платформата, останува отворено прашањето дали овие разговори ќе прераснат во конкретни политички чекори и дали ќе доведат до промени во опозицискиот блок или ќе останат во рамки на внатрепартиската дебата во СДСМ.
Во секој случај, сите овие промени најавуваат интересна политичка есен.

