Започнаа јавните расправи за новиот Кривичен законик – предвидени построги казни за корупција и злоупотреба на функција.. Се ревидираат одредбите од досегашниот член 353 за злоупотреба на службената положба и овластување, а злоупотребите при јавните набавки, добиваат посебен кривичноправен третман Иако новиот Кривичен законик се подготвува уште од 2019 година, а требаше да стави крај на поблагото казнување на функционерите и да овозможи поефикасно санкционирање на корупцијата и на злоупотребите со јавните набавки, граѓански организации на јавна расправа, која ја организираше Министерството за правда, излегоа со низа забелешки за Нацрт-кривичниот законик, кој е јавно објавен и испратен на мислење во Европската комисија.
За најтешките облици на овие дела се предвидуваат затворски казни до 15 години.
Министер за правда Јетон Шасивари истакнува дека за прв пат после 30 години, одиме со нов кривичен законик, нов пристап кон уредување на кривично-правната материја.
Усогласен е со ЕУ директивите и со меѓународните и европските стандарди, вели Шасивари “
Академикот Владо Камбовски, најави дека ќе се дефинира посебно дело за злоупотреба при јавни набавки, концесии и јавно-приватни партнерства…Ќе има и допрецизирање на поимот службено лице за да се разграничат злоупотребите кои ги прават лица на пониски од оние на раководни позиции…
„ Сега дефинитивно ќе мора да се комплетира целиот тој пристап кон конфискацијата кој е отоварен сега во моментов и со некои не до обмислени решенија, како што беше пред 2023-та година донесен закон за граѓанска конфискација кој се покажа како бескорисен. Тука сега ново прашање е сомнителен имот кој има непознато потекло а има основи на сомневање дека е основан во рамки на некоја криминална активност , на организирана криминаална група.“ вели Камбовски.
Граѓанските здруженија со забелешки за процесот но и за изнесените решенија… Иако сметаат дека има унапредување со делумното враќање на решенијата од пред измените во 2023 година, сепак има нејаснотии кај злоупотребата на службената положба ..
– Програмска директорка на Центарот за граѓански комуникации Сабина ФАкиќ, порачува:
„Сметаме дека членот што важеше пред измените од 2023 година имаше поголем потенцијал за санкционирање на корупцијата. Тоа го покажува и практиката. Врз основа на стариот член беше обвинет и поранешен премиер, а имаше и извршни пресуди против министри и други високи функционери за злоупотреби при јавни набавки. Не е јасно зошто тој концепт е напуштен. Со предложеното решение во новиот Кривичен законик се ограничува опфатот на злоупотребите при јавните набавки што можат да се санкционираат. “
Сепак граѓанските организации имаат низа дилеми и прашања
– Најнапред мора да се почне со критика за целиот процес. Новиот кривичен законик почна да се подготвува уште во 2019 година, долго немавме информации што точно се случува, која верзија е актуелна и што точно се прави со неа, за потоа да добиеме ваков спринтерски финиш, каде што се бара во рок од неколку недели да можеме да го анализираме целиот закон, да ги дадеме забелешките итн. Проблемот тука е што ризикуваме да испуштиме многу битни одредби што нема да бидат во фокусот на јавноста, затоа што станува збор за целосно нов законик, а тој не е содржан само во оние дела што се поврзани со корупцијата и слично. Во таа насока, мора да се спомне дека има унапредување, дека е добро враќање назад на состојбите од пред 2023 година со овие корупциски дела, но не во целост и не во поглед на сите. Така, на пример, кај злоупотреба на службената положба и овластување, нејасно е разграничена супсидијарната примена на овој член кон полесни и потешки кривични дела. Кај несовесното вршење на службата повторно ги немаме службените лица во органите на државната управа инкриминирани како посебни субјекти и се значително намалени казните во основниот облик во кривичното дело. Нејасно е зошто казнената политика е толку различна – одредени кривични дела се со многу повисоки казни, кај други има намалување, трети се останати исти – изјави Дарко Аврамовски, директор на Коалицијата „Сите за правично судење“, кој дојде на јавната расправа да ги каже забелешките на Блупринт групата за реформи во правосудството.
Изработката на новиот законик почна во 2019 година а учествуваа професори, експерти по казнено право, претставници на судството, обвинителството и други надлежни институции. Работните верзии се објавени на ЕНЕР, а текстот е доставен и до Европската комисија, од каде се очекува мислење.Според Реформската агенда, крајниот рок за усвојување на новиот Кривичен законик е крајот на 2026 година.

