Претседателот на СДСМ Венко Филипче ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да одговори дали имала притисок за номинирањето на Трајко Славески за гувернер на Народната банка.
На денешната прес-конференција, Филипче соопшти дека СДСМ поднела интерпелација до Собранието за гувернерот Трајко Славески поради случајот со Алта банка и сомнежите за начинот на кој оваа банка влезе на македонскиот финансиски пазар.
СДСМ поднесува интерпелација за гувернерот Трајко Славески во Собранието. После веќе поднесените кривични пријави, во контекст на што го повикувам обвинителството тоа сериозно да го разгледа, сметаме дека треба да има и политичка одговорност за работата на гувернерот Трајко Славески по повеќе основи. Немаше соодветни ниту логични одговори на Надзорната расправа, нема сè уште одговори од негова страна и на прашањата кои што на овој начин во јавност ги поставуваме, рече Филипче.
Филипче посочи дека и претседателката Силљановска-Давкова е поканета на продолжението на Надзорната расправа за случајот со Алта банка, каде што треба да објасни како го номинирала Славески, како денес гледа на скандалот и дали можеби има поинаков став за неговото именување.
За утре е закажано продолжението на Надзорната расправа, но нема одговор од поканетите, односно претседателката Силјановска-Давкова, која што ја поканивме за да каже како тоа го номинирала Трајко Славески, како таа сега гледа на овој проблем, на овој скандал, дали сега има можеби поинакво мислење за Трајко Славески, дали трпела притисок да го номинира, да го номинира на функцијата, но за жал нема да присуствува, отиде на патување, рече Филипче.
Јавноста заслужува конкретни одговори, рече Филипче, посочувајќи дека продолжението на надзорната расправа е можност сите надлежни и повикани лица да одговорат на конкретните прашања за скандалот, наместо да го избегнуваат институционалниот и јавниот одговор.
Нема одговор ниту од претставниците на Управниот и Надзорниот одбор на банката. И тоа е сериозен проблем, затоа што сите овие луѓе имаат обврска пред граѓаните да дадат одговори на многу специфични, конкретни прашања во овој огромен скандал, рече Филипче.

