И камерите на „Сејф сити“ долж скопската обиколница се користат во истрагата за убиството на 38-годишниот маж кај Смилковското Езеро.
Според првичните информации, возилото мерцедес на настраданиот кон клучката каде се случило убиството се упатил некаде пред 5 часот наутро. Убиството односно безживотното тело било забележано од граѓанин кој минувал по патот по што околу 6:15 часот пријавил на скопската полиција.
При увидот е утврдено дека телефонот на жртвата бил во автомобилот, но тој не успеал да стигне до него за да повика помош. Бил застрелан во ногата со еден куршум, а раната била прострелна. После првичните наоди, со обдукцијата е потврдено дека починатиот бил погоден во голема артерија во ногата поради што настапило обилно крварење.
Се вештачи и телефонот на убиениот и неговата содржина, како и движењето според базните станици.
Од полицијата велат дека се спроведува интензивна истрага за да се утврдат сите околности на настанот.

