Министерот за социјална политика Ѓоко Велковски ги отфрла обвинувањата од опозицијата дека со бришење на одредбата за уплата на 6 проценти во вториот пензиски столб се подготвува укинување на овој пензиски столб.
Велковски во изјава за телевизија 24 вели дека вториот пензиски столб продолжува да функционира, а и придонесот продолжува да се уредува со закон.
Станува збор за законско и техничко усогласување на регулативата. Имено со член 17 од Предлог-законот, кој е објавен на ЕНЕР,се предлага бришење на член 120 од постојниот закон кој ја регулира стапката на придонесот за вториот пензиски столб. Но, тоа не значи дека придонесот се укинува или дека се укинува вториот пензиски столб. Напротив,неговото нормативно уредување се пренесува во Законот за задолжителни социјални придонеси,каде што системски ќе се регулираат прашањата поврзани со задолжителните социјални придонеси. Значи,вториот пензиски столб продолжува да постои ,а придонесот продолжува да се уредува со закон. Станува збор за пренесување на законската одредба во друг закон, а не за укинување на пензискиот столб, вели Велковски за телевизија 24.
Опозициската СДСМ денеска на прес-конференција обвини дека со Предлог-измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување што се ставени на ЕНЕР, се предлага бришење на членот 120, односно на одредбата за уплата на 6 проценти во вториот пензиски столб што ќе значи рушење на вториот пензиски столб.
Ако уплатата во вториот столб не се уреди со друга одредба во овој или во друг закон, сите придонеси би останале во првиот столб, во Фондот за ПИОМ. Ако остане вака, ова значи дефинитивно рушење на вториот пензиски столб. Криминалната власт ги доведува во ризик пензиските заштеди на повеќе од 650.000 граѓани кои членуваат во вториот пензиски столб, изјави Маја Серафомовска-Борозан на прес-конференција.

