Љубителите на театарската уметност во Кавадарци на репертоар на кавадеречкиот театар, во Домот на Културата „Иван Мазов Климе“, ја имаат новата комедија „Референти по збрки“, во режија на Диме Коцевски. Сценографијата е дело на Тони Туриманџов, додека музиката и светлосните ефекти ги подготви Пепи Ангелов.
Во актерската екипа, на оваа комедија работена по мотиви од филмот ,,Brain donors’’, се: Диме Боцев, Видан Станоев, Александар Малинков, Сашко Орешков и Диме Коцевски, заедно со Цветанка Прочков, Александар Видиков, Анастасија Данаилова Ристовски и Драган Кабранов. Во претставата дебитира и Здравко Петров.
Новата претстава на кавадаречкиот театар носи хумористична приказна исполнета со измами, заплети, неочекувани пресврти и низа комични ситуации.Станува збор за комедија во стилот на „slapstick“, односно физички хумор во кој смеата произлегува од брзите движења, необичните ситуации и динамичните случувања на сцената. Претставата трае околу час и половина. Режисерот Диме Коцевски приказната ја опишува како комичен судир меѓу ситни и крупни измамници, во кој секоја страна се обидува да ја надмудри другата. Во центарот на дејството е обидот на тројца ситни измамници да спасат талентирано балетско дуо од Балетската куќа, при што за остварување на својата цел ќе ги искористат снаодливоста, шармот и сите расположливи трикови.
Кога еден ситен измамник, ќе ги здружи силите со двајца уште поситни измамници, со цел да победат еден КРУПЕН измамник, кој ќе ги здружи силите со уште еден КРУПЕН измамник, а борбата е нерамноправна и полна со нечесни замки, сопки, и удари под појас, тогаш ситните измамници ги вклучуваат на најсилно шармот, снаодливоста, смислата за хумор и неодоливоста и тргнуваат во конечна “борба”, гради во гради за спасување на честа на едно супер талентирано балетско дуо, на Балетската Куќа, но и на нивната чест и репутација како “РЕФЕРЕНТИ ПО ЗБРКИ”…
Со оваа премиера, кавадаречкиот театар ја збогатува својата програма со нова комедија, која на публиката ѝ нуди вечер исполнета со хумор и забавни театарски ситуации. Следната изведба е закажана за 5 декември 2026 (четврток) во 19 часот.


