Полицијата истражува кои се лицата што го симнале и го фрлиле на земја македонското државно знаме поставено на јарбол на улицата „Илинденска“ во центарот на Гостивар. Инцидентот, за кој се ширеше видеоснимка на социјалните мрежи, предизвика реакции од ВМРО-ДПМНЕ и Движењето ЗНАМ, кои го осудија сквернавењето на државниот симбол и побараа институциите да ги откријат и санкционираат сторителите.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека случајот бил пријавен на 27 ноември во ОВР Гостивар, по што полициска екипа извршила увид. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
На видеоснимката што се споделуваше на социјалните мрежи се гледа како едно лице го симнува македонското знаме, а потоа, заедно со уште едно лице, го туткаат и го фрлаат на земја. Снимката ја објави и профилот „Патриотско друштво“, со напомена дека е преземена од ТикТок.
Засега не се соопштени детали за идентитетот на лицата што се гледаат на снимката, ниту за околностите под кои било отстрането знамето. Според подоцнежни медиумски информации, знамето е вратено пред општинската зграда. Општина Гостивар, пак, реагираше на информациите во медиумите, посочувајќи дека знамињата пред општинската зграда и во центарот на градот се поставени и не се отстранети.
ВМРО-ДПМНЕ најостро го осуди симнувањето и сквернавењето на македонското знаме, оценувајќи дека секое непочитување на државниот симбол треба веднаш да биде санкционирано.
„Ваквиот однос на поединци во општеството создава поделби, а не сплотување“, наведуваат од партијата, од каде ги повикуваат надлежните институции веднаш да постапат и да ги идентификуваат сторителите.
И Движењето ЗНАМ – За наша Македонија најостро го осуди чинот, посочувајќи дека македонското знаме е државен симбол на сите граѓани, а неговото сквернавење е недозволиво.
„Македонското државно знаме не е симбол на една политичка партија или на една етничка заедница. Тоа е државен симбол на Република Македонија, знаме на македонскиот народ и на сите заедници што живеат во нашата држава. Неговото почитување е обврска на секој граѓанин, без разлика на неговата етничка, верска или политичка припадност“, наведуваат од ЗНАМ.
Од движењето посочуваат дека почитувањето на правото на секоја заедница да ги негува сопствените традиции, култура и национални симболи не смее да биде изговор за непочитување на државните симболи.
Според ЗНАМ, прославувањето на Денот на албанското знаме без соодветно истакнување на македонското државно знаме претставува непочитување на државниот поредок и постапување спротивно на законските одредби за употреба на знамињата.
Од движењето реагираат и на насилничкото однесување и нарушувањето на јавниот ред и мир во градовите, оценувајќи дека празниците треба да бидат повод за славење, меѓусебно почитување и градење соживот, а не за провокации и инциденти.
ЗНАМ очекува надлежните институции без одлагање да ги расчистат настаните во Гостивар, да ги идентификуваат сторителите и да постапат согласно законите, без селективност и политички калкулации.
„Почитувањето на различностите е наша вредност, но почитувањето на државата, нејзините симболи и законите е обврска на сите“, порачуваат од движењето.

