Студентска картичка со 20 проценти попуст, која ќе може да се користи во текот на целата година преку апликацијата М-услуги, подготвува Владата во соработка со повеќе институции, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во подготовката на картичката се вклучени Министерството за образование и наука, Министерството за дигитална трансформација, Генералниот секретаријат, Кабинетот на претседателот на Владата и Министерството за финансии.
Паралелно со оваа иницијатива, Министерството за социјална политика, демографија и млади работи на развој на посебна апликација и дигитална картичка, со цел проширување на можностите за младите и унапредување на дигиталните услуги наменети за нив.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека студентската картичка е дел од мерките насочени кон подобрување на условите за младите, покрај можностите за вработување и самовработување преку Оперативниот план, реконструкцијата на студентските домови, младинските додатоци и мерките за надминување на дигиталната нееднаквост.
„ВМРО-ДПМНЕ со конкретни мерки продолжува да создава можности и подобри услови за студентите“, се наведува во соопштението од партијата.

