„Само преку мене мртва“, ѝ одговорила поранешната грчка министерка за надворешни работи Дора Бакојани на тогашната американска државна секретарка Кондолиза Рајс, кога таа побарала Грција да го прифати приемот на Македонија во НАТО под привремената референца ПЈРМ. Неколку дена подоцна, според тврдењата на Бакојани, токму Рајс побарала од неа лично да го формулира заклучокот за Македонија на самитот во Букурешт, со кој поканата за членство беше условена со решавање на спорот за името.
Поранешната грчка министерка тврди дека во април 2008 година лично го напишала текстот со кој сојузниците на НАТО се согласија Македонија да добие покана за членство откако ќе се постигне заемно прифатливо решение за спорот со Грција. Деталите ги раскажува во автобиографијата „Една жена“, чиј извадок е објавен во викенд-изданието на грчкиот весник „Та неа“.
Според нејзиното сведоштво, кон крајот на самитот во Букурешт ѝ пришол американски маринец и тивко ѝ пренел порака од Кондолиза Рајс, со молба таа да го напише текстот за Македонија. Бакојани го составила предлогот и му го подала на тогашниот грчки премиер Костас Караманлис, кој седел до неа. Тој се согласил со содржината, но ја прашал дали навистина верува дека сојузниците ќе ја прифатат формулацијата. Маринецот потоа ѝ го однел листот на Рајс. Таа го прочитала и со климање на главата ѝ дала знак дека се согласува, пишува Бакојани.
Телефонски разговор со Рајс и средба со Груевски
Бакојани во автобиографијата раскажува дека само неколку дена пред самитот, на 29 март 2008 година, била во Љубљана на состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ. Германскиот министер Франк-Валтер Штајнмаер ја предупредил дека ќе ѝ се јави Рајс и дека е лута.
Кога од американскиот Стејт департмент го најавиле повикот, Бакојани повикала тројца соработници да присуствуваат на разговорот и да водат белешки. Според нејзината верзија, Рајс побарала Атина да го прифати приемот на Македонија во НАТО под привремената референца „поранешна југословенска Република Македонија“. За администрацијата на тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш, проширувањето на Алијансата било приоритет.
Бакојани пишува дека уште во јули 2007 година со Караманлис се договориле Грција да прифати сложено име со географска одредница за севкупна употреба, но инсистирале спорот да биде решен пред Македонија да добие покана за членство во НАТО.
Колку сериозно го сфаќала можниот притисок, според нејзиното раскажување, покажува и прашањето што пред самитот насамо му го поставила на Караманлис – дали има нешто, дури и од неговиот приватен живот, со што би можеле да го уценуваат. Тој ѝ одговорил дека нема.
Во книгата Бакојани опишува и средба со тогашниот македонски премиер Никола Груевски, на собир на Европската народна партија во март 2008 година. Таа ја вбројува меѓу најнепријатните средби што ги имала, тврдејќи дека Груевски во текот на целиот разговор гледал во своите чевли и ниту еднаш не го кренал погледот.
Неколку дена подоцна, на 17 март, посредникот на ОН Метју Нимиц на средбата во Виена им претставил на преговарачите повеќе предлози за името. Бакојани пишува дека дел од нив биле прифатливи за Атина, но дека македонската страна ги одбила со образложение дека веќе биле разгледувани и отфрлени во претходните преговори.
Од Букурешт до членството во НАТО
Во декларацијата од самитот на НАТО во Букурешт, усвоена на 3 април 2008 година, сојузниците се согласија Македонија да добие покана за членство штом ќе се постигне заемно прифатливо решение за спорот со Грција.
Во декември 2011 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг, постапувајќи по тужба на македонската страна, утврди дека Грција, спротивставувајќи се на приемот на земјата во НАТО, ја прекршила обврската од член 11, став 1 од Привремената спогодба од 1995 година. Пресудата, сепак, не ја промени одлуката од самитот во Букурешт.
Поканата за пристапување во НАТО пристигна во јули 2018 година, по потпишувањето на Преспанскиот договор. На 27 март 2020 година, Северна Македонија стана 30-та членка на Алијансата.

