Украина изрази големо незадовоство поради одлуката на Европската Унија за отстранување од нејзината листа на санкции на руските олигарси Алишер Усманов и Михаил Фридман, нарекувајќи ја „неморална“ и „подарок за Русија“.
Украинскиот премиер Сергиј Корецки изјави дека одлуката да им се дозволи на руските бизнисмени и олигарси „да ги избегнат последиците од војната од која никогаш не се оградиле, е неморална и самоуништувачка“.
„Украина е нападната. Европа не може да ги третира како пријатели оние што го овозможуваат тоа.“
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха укинувањето на санкциите го оцени како „неприфатливо“, нагласувајќи дека двајцата руски бизнисмени биле ставени на листата на санкционирани, „бидејќи се дел од агресивниот режим на Русија“.
„Што е променето? Ништо. Отстранувањето е неприфатливо и испраќа погрешен сигнал до Москва во време кога треба да се зголеми притисокот“, нагласи Сибиха.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски уште минатата недела ги критикуваше плановите за укинување на санкциите кон руските олигарси.

„Сега воопшто не е време за укинување на санкциите и за давање подароци на Русија“, рече Зеленски.
Одлука на иницијатива на Франција и Луксембург
Одлуката за отстранување на двајцата руски олигарси од листата на санкционирани поради поддршка на руската агресија врз Украина, ЕУ ја донесе на барање на Франција и Луксембург на заседанието на Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер).
Неколку земји членки на ЕУ, пред се балтичките држави, првично се спротивставија на барањето на Франција и Луксембург, стравувајќи дека на тој начин Унијата ќе покаже дека потпаѓа на уцени. Сепак, на крајот сите земји членки се согласија или барем не гласаа против укинување на санкциите.
Со одлуката, санкции кон останатите физички и правни лица на листата и натаму остануваат во сила и се продолжени за три години, односно до септември 2029 година, освен ако во меѓу време не биде постигнат договор за нивно укинување. Со санкциите, кои меѓу другото вклучуваат и забрана за влез и замрзнување на имотот во ЕУ, се опфатени против речиси 3.000 физички и правни лица.
Франција побара руско-узбекистанскиот бизнисмен Алишер Усманов да биде отстранет од листата поради „причини поврзани со националната безбедност“. Франција јавно не образложи што точно подразбира ваквата формулација, но според британски медиуми, барањето е поврзано со неколку француски државјани кои се затворени во Азербејџан и за чие ослободување се водат преговори меѓу Париз и Баку.

Медиумите тврдат дека всушност Азербејџан вршел притисок врз Франција за укинување на санкциите против Усманов, но висок азербејџански дипломат ги негира ваквите наводи.
Усманов е еден од најбогатите сојузници на рускиот претседател Владимир Путин, важи за него „омилен олигарх“и му помага во решавањето на деловни проблеми.
Според „Форбс“, неговото богатство се проценува на околу 12 милијарди евра. Усманов, меѓу другото, инвестира во рударството и телекомуникациите. До 2014 година, тој поседуваше и 10 отсто од акциите „Фејсбук“. Од нивната продажба тој заработи милијарди евра. Усманов извесно време беше главен спонзор на англискиот фудбалски клуб „Евертон“, но тој договор беше раскинат кратко по почетокот на војната во Украина во 2022 година.
Со санкциите на Усманов не само што му беше забранет влез во ЕУ и му беа замрзнати средствата, туку му беа запленети и вилата на Сардинија и луксузната јахта „Дилбар“, која се наоѓаше во пристаништето во Хамбург поради поправки. Јахтата, именувана по неговата мајка, е една од најголемите во светот и наводно вреди околу 550 милиони евра.
Тужба против Луксембург
Откако Франција побара отстранување на Усманов од листата на санкции, Луксембург побара истото да се направи и за руско-израелскиот банкар и бизнисмен Михаил Фридман.

Фридман поднесе тужба против Луксембург во врска со неговите блокирани средства. Тужбата е поднесена врз основа на договор склучен меѓу Луксембург, Белгија и Русија и со неа тој бара отштета од 14,5 милијарди евра за „финансиското и моралното страдање“ што му е нанесено. Случајот го разгледуваат арбитражни судии.
Луксембург сметаше дека аргументите за задржување на санкциите кон Фридман имаат помали шанси да опстојат за време на арбитражата, доколку од листата биде отстрани само Усманов.
Фридман е роден и израснат во Лвов во Украина, во времето кога земјата сè уште беше дел од Советскиот Сојуз. Тој е коосновач на „Алфа банката“, најголемата руска приватна банка, која има филијали и во Белорусија, а до неодамна имаше и во Украина. Матичната компанија „Алфа груп“ има удели и во нафтениот сектор, малопродажбата и телекомуникациите.
Како и Усманов, и Фридман спаѓа во т.н. „тесен круг“ околу Путин. „Форбс“ го проценува неговото богатство на околу 15 милијарди долари.
Во 2023 година, против него беше покрената кривична постапка во Украина под обвинение за измама во украинската филијала на „Алфа банка“. Од декември 2023 година, тој се наоѓа на меѓународниот список на најбарани лица.

