Утре вечер, во сабота, 28.11.2026 г., во 20 часот, во НУ Театар„Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, на мала сцена „Борис Бегинов“, ќе биде изведена премиерата на претставата „КОГА ЗЕМЈАТА МОЛЧИ“, авторски проект на Весна Димитрова Бобевски.
Преку овој сценски крик, публиката се соочува со суровата, но величествена судбина на Велика – симболот на македонската мајка, сопруга и страдалница во виорот на Балканските војни . Додека мажите се присилно регрутирани на фронтот да војуваат брат против брат, Велика останува сама. Околностите ја соголуваат до коска: таа се бори со пустошот, военото лудило, гладот и болестите што незапирливо го десеткуваат нејзиното семејство. Ова е приказна за една натчовечка борба да се спасат петте дечиња, борба која завршува со трагичен молк на гробовите, но и со исконски револт и крик против судбината и Бога.Велика не е само една жена. Таа е симбол на македонската мајка, на жената која ги закопува своите најмили, а сепак наоѓа сила повторно да застане. Во нејзината лична трагедија се препознава колективната меморија на еден народ, неговото страдање, неговата истрајност и непокор.
„Кога земјата молчи“ е мој авторски проект, моја лична и уметничка исповед, но и моја долгогодишна средба со еден лик кој речиси четири децении го носам во себе. Мојата врска со Велика не започна со создавањето на оваа монодрама. Таа започна пред околу 40 години, кога токму со овој лик го полагав приемниот испит за актерски студии. Од тој момент Велика остана во мене. Ја носев низ годините, ја чувствував, ја преиспитував и на некој начин постојано живеев со неа. Затоа денес не пристапувам кон неа како кон лик што допрва треба да го откријам, вели Димитрова Бобевски.
Пристапувам кон една судбина што четири децении созревала во мене, за повторно да оживее на сцената. Во мојата сценска концепција сакав да го отстранам сè она што би можело да застане меѓу Велика и публиката. Не сакав сцената да зборува повеќе од актерот. Не сакав непотребни сценски ефекти, декоративни елементи и движења што би го одвлекувале вниманието од суштината. Нејзината болка не треба да биде покриена. Нејзиното лице, очите, паузите, гласот и телесната болка треба да бидат во центарот. Сакам публиката непосредно да ја почувствува Велика, да ја следи секоја промена во нејзиниот поглед, секој прекин на гласот, секоја тишина. Затоа се определив за камерна, сведена сценска форма. Сценографијата треба да ја носи атмосферата на времето во кое живее Велика – црнината, сиромаштијата, оскудноста и суровоста на животот. Без непотребни декоративни елементи. Секој предмет, секоја сценска слика треба да има своја причина и своја драматуршка функција. И музиката ја гледам како внимателно избран елемент, присутен на почетокот и на крајот од претставата. Не сакам таа постојано да ја објаснува или да ја нагласува емоцијата. Не сакам музиката да ѝ кажува на публиката кога треба да тагува. Сакам публиката сама да ја почувствува болката. Велика не е само жена од едно минато време. Таа е мајка, сопруга, жена која се бори со војната, гладот, болеста, загубата и неправдата. Нејзината судбина ја надминува историската рамка и станува судбина на безброј жени и мајки чии животи биле разурнати од војните. За мене, „Пиреј“ на Петре М. Андреевски е длабок код на македонското постоење, но болката на Велика е универзална и разбирлива насекаде во светот. Не сакам публиката само да ја разбере Велика. Сакам да ја почувствува. Да ја понесе нејзината болка со себе и да размислува за неа и кога ќе се изгаснат светлата во салата. Мојата сценска определба е едноставна: Што помалку надворешни средства, а што поголема внатрешна вистина. Зашто понекогаш најсилниот театар се случува тогаш кога на сцената остануваат само човекот, неговата вистина и тишината што не може да се изговори. По четириесет години, јас не се враќам само на еден лик. Се враќам на една своја уметничка и човечка приказна. Четириесет години ја носев Велика во себе. Сега дојде времето да ѝ дадам глас, вака ја искажува својата визија Весна Димитрова Бобевски.
„Кога земјата молчи“ е драма што го одзема здивот. Таа не зборува само за војната, туку за она што останува во човекот кога има страдања и спомени што остануваат да живеат во земјата, во корените, во тишината на оние што преживеале. Велика го носи кодот на пирејот – жилавата трева која, колку и да ја газат, откорнуваат и палат, таа не умира, туку секогаш наоѓа сила повторно да никне.Преку маестралната и соголена актерска игра, оваа претстава е крик за опстанок, поклонение пред македонската историја и доказ за неуништливоста на човечкиот дух. Зашто, и кога земјата молчи, болката на човекот продолжува да зборува.

