Русија ќе ги оствари своите воени цели во Украина „без оглед на околностите“, порача рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
„Целите на специјалната воена операција ќе бидат постигнати, заканата за руската безбедност ќе биде отстранета, а мирниот живот ќе се врати. Ова ќе се случи без оглед на околностите“, изјави Лавров.
Шефот на руската дипломатија во обраќањето ја обвини Европа дека систематски го попречува изнаоѓањето решение за војната во Украина.
Според Лавров, ставот на Европа по ова прашање е во спротивност со оној на Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп.
„Европа прави сè што може за да ги осуети мировните преговори што ги посакува администрацијата на Трамп“, изјави рускиот министер за надворешни работи.

Лавров, исто така, ги повика САД да ја укинат блокадата против Куба и посочи дека Русија е подготвена да „помогне во стабилизирањето“ на ситуацијата на Блискиот Исток.
Лавров се сретнал со Вадепул
На маргините на Генералното собрание на ОН, Лавров се сретнал со својот германски колега Јохан Вадепул. Информацијата за средбата ја соопшти портпарол на руското Министерство за надворешни работи, но не посочи за што точно разговарал Лавров и Вадепул.
Контактите меѓу Русија и Германија се сериозно ограничени поради војната во Украина и ова е прва средба на министерите за надворешни работи на двете земји од стартот руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Германската Влада ја обвинува Русија за повеќе акти на саботажа, како што се кибер напади и инциденти поврзани со критичната инфраструктура во земјата. Русија, пак, смета дека Германија ја влошува војната преку својата поддршка за Украина.

