Краткометражниот анимиран филм „Лефти и Рајти си најдоа дом“ денеска ќе ја има премиерата во Македонскиот народен театар, по што авантурата на главните ликови ќе продолжи и во кино-салите на „Синеплекс“.
Во декември публиката ќе има можност да го проследи филмот на специјални викенд-проекции во „Синеплекс“, по кои ќе следува музичко-театарски перформанс во живо. Термините за проекциите и информациите за билетите ќе бидат објавени дополнително.
Гласовите на главните ликови ги позајмуваат Јелена Јованова и Гораст Цветковски, а во актерската екипа се и Тања Кочовска, Ева Скендеровска и Изабела Јакимова. Во филмот со своите гласови учествуваат и Јана Велева, Миа Велева и Александар Георгиевски.
Режијата е на Илија Тодоровски, сценариото го потпишуваат Наташа Дукоска и Билјана Црвенковска, арт-дирекцијата е на Хари Дудески, а анимацијата е изработена во „Toon Motion Studios“. Тематската музика е дело на Дина Јашари.
Филмот е во продукција на „зАнимација продукција“, со Нена Гиевска како продуцентка и Наташа Дукоска како креативна продуцентка, во копродукција со хрватската „Minya Film i Animacija“, со копродуцентката Миљана Драгичевиќ.
Остварувањето е реализирано со поддршка на Агенцијата за филм и Хрватскиот аудиовизуелен центар (HAVC).

