Здружението „СВЕСНОСТ“ утре (26.11.2026 г. четврток),во 18часот, во кафетеријата „Училница“, во Битола, организира разговор (LIVE SESSION), со тројца учесници, Влатко Деловски, Иван Јерчиќ и Билјана Атанасовска. Разговорот ќе го води Викторија Тодоровска, лиценциран психолог и гешталт терапевт под супервизија, од тимот на „Свесност“.
…За улогите што ги играме, лицата што ги покажуваме и вистината што понекогаш ја криеме и од себе. Сите носиме маски. Некои ги ставаме наутро, пред да излеземе од дома. Други ги носиме со години. Маски на самодоверба, успех, среќа, рамнодушност, сила.
На работа сме една личност. Дома друга. Понекогаш се преправаме дека сме добро. Понекогаш дека не ни е грижа. А понекогаш толку долго играме одредена улога што веќе не знаеме каде завршува таа и каде почнуваме ние.
Но дали секоја маска е лага?
На следната „Свесност Live Session“ ќе разговараме за маските што нè штитат, оние што ни ги наметнува средината и оние што самите ги избираме. За потребата да припаѓаме, стравот од отфрлање и цената на автентичноста.
Три различни перспективи ќе ни помогнат да погледнеме зад лицата што секојдневно ги покажуваме.
Влатко Деловски, етнолог, антрополог, магистер по културолошки студии и автор на книгата „Од личност до маска“, ќе зборува за современиот човек и улогите што понекогаш стануваат поважни од личноста зад нив.
Иван Јерчиќ, актер и режисер, ќе го отвори театарскиот парадокс. На сцената актерот презема туѓ идентитет за да открие вистина. Во животот често преземаме улоги за да ја сокриеме.
Билјана Атанасовска, лиценциран психолог и основач на Центарот „Божилак“, ќе ја објасни психолошката функција на маските. Кога нè штитат, кога нè ограничуваат и како да создадеме улоги во кои навистина ќе се чувствуваме свои.
Овојпат нема да бараме од никого да ја симне маската.
Само ќе се обидеме да разбереме зошто ја носи.
И кој сме навистина кога никој не нè гледа?…

