Близу 70.000 потрошувачи на топлинска енергија од декември ќе плаќаат поскапи сметки за парно греење. Регулаторната комисија за енергетика го правда зголемувањето со зголемената цена на природниот гас.
Поради зголемената цена на природниот гас, што е резултат на геополитичките случувања, донесена е одлука со која од 1 декември цената на топлинската енергија се зголемува во просек за 7,56% за домаќинствата што се снабдуваат од ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Производство на топлина и ЕСМ Енергетика. За корисниците кои се приклучени на мрежата на поранешна топлана Скопје Север, сегашна Енерџи Еколинк зголемувањето е за 5,84%, соопшти РКЕ.
Со оваа одлука, според РКЕ, просечната сметка ќе се зголеми за 188 денари и ќе изнесува 2.681 денари.
Одлуката следува откако сите компании кои ги снабдуваат потрошувачите со топлинска енергија во Градот Скопје доставија вонредни барања за промена на регулираниот максимален приход и ревидирање на цената на топлинска енергија, што беше донесена во јули, а е на сила од 1 август 2026 година, велат од РКЕ.

