Обвинителството покрена обвинителен акт против скопјанецот кој на 15 јуни запали две возила пред Амбасадата на Бугарија во Скопје.
Осомничениот се товари за кривично дело „загрозување лица под меѓународна заштита“.
На обвинетиот му се става на товар дека на 15 јуни годинава, околу 12:05 часот, пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, со предизвикување пожар создал значителна опасност за животот и телото на лица под меѓународноправна заштита. Според дејствијата опишани во обвинението, обвинетиот претходно на бензинска пумпа во непосредна близина на Амбасадата наполнил пластично шише со бензин и се упатил кон објектот. Откако се доближил до паркираните возила што ги користеле военото аташе на Република Бугарија и други вработени во Амбасадата, ги полеал со бензинот и ги запалил, по што веднаш го напуштил местото на настанот, информира Обвинителството.
Заедно со Обвинителниот акт, доставен е и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор, оценувајќи дека и натаму постојат причините поради кои мерката била определена и продолжувана.
Согласно одредбите од Кривичниот законик, за кривичното дело што му се става на товар на обвинетиот е пропишана казна затвор од најмалку една година.

