Во ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ – Скопје, во галеријата „КО-РА“, вчера вечерта беше одржана промоцијата на поетската збирка „Подарок за жената“ од Кристина Краличин, надополнета со изложбата на слики „Лунадор“ од Жаклина Николовска.

-Природата на жената зрачи со хармонија, скумулирана вековна естетика којашто не доаѓа само од физичкиот изглед, туку се манифестира преку начинот на кој таа се движи низ животот и извира однатре, од срцето полно со љубов и разбирање. Секоја жена е дел од универзалната енергија и може да биде инспирација, поттик и емотивна возбуда за да се создаде книга достојна за неа. „Подарок за жената“ им ја посветувам на сите жени, бидејќи светот без нив не би бил таков каков што е, истакна авторката Краличин.
Книгата „Подарок за жената“ е составена од два дела коишто се разликуваат по стилот на изразување. Така, во првиот дел „Сјајот во твоите очи“ строфите се напишани во рима, а во втортиот дел „Песна за тебе“ римата е намерно изоставена.

Кристина Краличин е современа македонска писателка, поетеса и преведувачка чие творештво се одликува со длабока интроспекција и силен пробив на меѓународната книжевна сцена. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, што ѝ овозможило професионално да се насочи кон книжевноста и преведувањето. Нејзиниот прв роман носи наслов „Дното на моето небо“ (објавен во издание на Concept Publishing и Чудна шума од Скопје). Во 2024 година, со необјавениот роман „И“, таа влезе во најтесниот избор од три финалисти за престижната домашна книжевна награда „Пегаз“.Во септември 2026 година, Краличин стана првиот и единствен македонски автор застапен во италијанската поетска енциклопедија WikiPoesia, со што се потврди нејзиното континуирано присуство на италијанската книжевна сцена. Во 2023 година ја освои првата награда на меѓународниот конкурс Il Parnaso – Premio Angelo La Vecchia со поемата „На работ на хоризонтот“ (Ai Confini dell’Orizzonte). Кон крајот на 2026 година, таа ја освои и првата награда на меѓународниот поетски фестивал I Diversi Versi 2026 во Капачо Паестум, близу Салерно.Во октомври 2026 година беше прогласена за севкупна победничка на меѓународниот поетски конкурс „Most pjesnika 2026“ во Сараево во конкуренција од 177 дела од целиот свет, освојувајќи го највисокото признание – „Дијамантска повелба“ за песната „Двајца не мора да станат едно“.

Писателската дејност на Кристина Краличин сама по себе значи инспирација. Инспирирана од природата, од луѓето, од внатрешната содржина на сѐ што е видливо и невидливо за човечкото око. Краличин ги црпи темите од непресушниот извор на животот и таа своја инспирација несебично ја предава на читателите обликувана во формите на моралната естетиката на пишаната реч, во декорот на длабочината на мислата и моќта за досегање на мистиката во нано космосите на душевните пространства. Таму каде се протега најдлабоката интима на постоењето Краличин го надминала лимитот на времето и на просторот со успешност на автор кој ги оживува своите ликови во делата и кои говорат само кога се разбира нивниот начин на обраќање. Специфичноста како нивна карактеристика е уникатноста со која вреди одблизу да се запознае читателот, во индиректна комуникација преку ликот со авторката.Токму затоа делата на писателката Кристина Краличин манифестираат силно енергетско поле со кое квантитетот го отвора хоризонтот за реалниот квалитет.

Овој проект претставува два уметнички изрази, а една приказна за жената, љубовта и светлината. Книжевно-ликовната вечер во галеријата „КО-РА“, беше организирана по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, што се одбележува секоја година на 25 ноември. Со овој датум вообичаено започнува и глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“.


